Хрватска минатата недела соопшти дека за патниците од Северна Македонија ќе има изолација од 14 дена поради зголемувањето на бројот на заболени со ковид-19
Европската Унија именуваше 14 земји чии жители се третираат како „безбедни“ во време на пандемијата од ковид-19, да ја поминат границата за влез во Унијата од 1 јули, јавува Би-би-си.
На листата не се наоѓаат САД, Бразил и Кина. Додека пак меѓу 14-те земји се Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај.
Како што јавува Би-би-си, Европската Унија е подготвена да ја додаде Кина на листата доколку кинеската влада понуди реципрочен договор за патниците од ЕУ.
Повеќе гранични контроли се укинати за граѓаните на ЕУ кои патуваат во Унијата.
Правилата за Британците се дел и од актуелните преговори за „брегзит“, иако тие сè уште третираат како граѓани на ЕУ.
На почетокот на месецов, пишува Би-би-си, Европската комисија истакна дека повторното отворање на границите со државите кои не се членки на ЕУ во Западен Балкан е приоритет од 1 јули.
Сепак, Хрватска, членка на ЕУ, минатата недела соопшти дека за патниците од Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија ќе има изолација од 14 дена, поради зголемувањето на бројот на заболени со ковид-19.
Земјите членки на ЕУ до денеска напладне треба писмено да се изјаснат за списокот на земји за кои од 1 јули ќе престанат да важат ограничувањата за патувања во земјите од шенген-зоната.
Минатата недела, земјите членки изготвија „нацрт список“ од 15 држави, чии граѓани од утре ќе бидат во можност непречено да ги минуваат надворешните граници на ЕУ.
Ако ниту една од 27-те земји членки денеска до пладне на гласа против, списокот ќе се смета за усвоен.
Европската комисијата предложи Западен Балкан да биде меѓу првите на списокот, наведувајќи ги блиските односи на ЕУ и поради политиката за интеграција на регионот.
Засега само Србија и Црна Гора се наоѓаат на прелиминарниот список од 15 земји, заедно со Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Кина.
Од друга страна, Албанија, БиХ, Северна Македонија и Косово наводно до 15 јуни имале регистрирани по повеќе од 25 заразени на 100 000 жители, а просекот во ЕУ за овој период изнесувал 13 регистрирани случаи на ковид-19 на 100 000 жители.
ЕУ наведува дека овој список ќе го ажурира на секои две недели, во согласност со најновите епидемиолошки податоци.