„Граѓаните што ги уплаќаат парите таму, сега се во една голема неизвесност и се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во којшто луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети“, рече лидерот на СДСМ
Според Филипче, со последните линеарни зголемувања на пензиите во септември 2025 година и во март 2026 година, сите во државата изгубија пари, односно беа украдени од оваа власт. Тој вели дека ако останела методологијата што ја вовела владата на СДСМ, пензионерите ќе добиеле многу повеќе пари

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за Вториот пензиски столб отвориле сериозна загриженост кај граѓаните кои со години издвојуваат средства за својата пензиска иднина.
Филипче предупреди дека контрадикторните ставови на премиерот создаваат неизвесност и страв кај граѓаните и побара власта да одговори дали е загрозен Вториот пензиски столб и дали поради немање пари во буџетот ќе се трошат заштедите.
„Многу луѓе се исплашени и загрижени од изјавата на премиерот во која тој изјави дека многу луѓе ќе бидат разочарани од тоа што ќе донесе Вториот пензиски столб. Тој дури изјави дека му било и жал што воопшто столбот бил воведен. Мицкоски во 2024 година рече дека пензискиот систем е стабилен и дека дупката во Фондот за пензиско осигурување ќе постои сè додека вториот столб не почне посилно да исплаќа пензии, а сега кажува дека не знае што ќе донесе, што ќе донесат резултатите од уплатите во Вториот пензиски столб“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Претседателот на СДСМ посочи дека ваквите изјави дополнително ги вознемируваат граѓаните кои своите средства ги уплаќаат во вториот пензиски столб со очекување дека тие ќе им обезбедат сигурност во пензионерските денови.
„Граѓаните што ги уплаќаат парите таму сега се во една голема неизвесност и се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во којшто луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети. Значи, луѓето се исплашени дали воопшто сега ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот“,
рече Филипче.
Тој додаде дека наместо сигурност и грижа за пензионерите и идните пензионери, власта испраќа пораки што ја поткопуваат довербата во системот и внесуваат дополнителна несигурност кај граѓаните.
Филипче посочи дека за време на владите предводени од СДСМ дефицитот во Фондот за ПИОМ бил значително намален, додека сега повторно расте.
„Кога владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 2017 година го затекна фондот со дефицит од 50 отсто, тој дефицит постепено се намалуваше со цел да биде сѐ повеќе и повеќе стабилен и да може да исплаќа пензии. Дефицитот од 50 проценти се намали на 30 отсто со еден стабилен систем. Откако дојде оваа власт во 2024 година, дупката повторно се зголемува и сега надминува 40 отсто“,
рече Филипче.
Тој нагласи дека сегашната состојба значи оти речиси половина од средствата потребни за исплата на пензиите недостасуваат.
„Значи, 40 отсто од парите фалат и се надокнадуваат од централниот буџет за да може актуелните пензионери да примаат пензии“,
истакна Филипче.
Според Филипче, со последните линеарни зголемувања на пензиите во септември 2025 година и во март 2026 година, сите во државата изгубија пари, односно беа украдени од оваа власт. Тој вели дека ако останела методологијата што ја вовела владата на СДСМ, пензионерите ќе добиеле многу повеќе пари.
Претседателот на СДСМ нагласи дека ваквиот пристап од страна на власта отвора сериозни прашања за правичноста на пензискиот систем и ги оштетува и пензионерите со повисоки и оние со најниски примања.
„И сега луѓето коишто се уплашени за сопствената иднина, меѓутоа и актуелните пензионери со право прашуваат зошто некој им ги крати парите кои ги уплаќале за време на својот работен век, затоа што не уплаќале сите еднаква сума на придонеси. Зошто на луѓето коишто плаќале повеќе им е скратено правото да добијат повеќе пари преку пензиите? Но не само тие, едноставно и луѓето со најниски примања, пензионерите со најниски пензии се скратени, односно парите им се украдени“,
рече Филипче.
Тој порача дека пензионерите заслужуваат достоинствен живот и сигурност, а не политики кои го намалуваат нивниот животен стандард.
„Значи луѓето кои цел живот работеле, граделе, придонесувале за оваа држава и коишто сега заслужуваат и почит и достоинствена пензија, достоинствен живот, едноставно се соочени со лаги и со помалку пари“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека наместо стабилизирање на пензискиот систем, Владата создава дополнителна несигурност кај сегашните и кај идните пензионери.
