Со предложените измени на Законот за студентски стандард, како што вели, се предвидува подобра прераспределба на стипендиите во рамки на годишната квота што ја утврдува Министерството, со цел тие да се темелат на успехот на студентите, потребите на државата и пазарот на трудот
Ги отфрли и тврдењата дека ќе се зголеми партиципацијата за сместување во студентските домови и нагласи дека во законските измени не е наведена висината на надоместокот што ќе го плаќаат студентите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на социјалната мрежа Фејсбук порача дека нема намалување на бројот на студентски стипендии коментирајќи ги обвинувањата од Социјалдемократската младина на Македонија дека со предложените измени на Законот за студентски стандард се крати од стипендиите на студентите и се врши промена во критериумите за сместување во студентските домови.

Го обвини Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за манипулација со јавноста.
Според неа, Министерство за образование и наука континуирано работи на подобрување на студентскиот стандард и во ниту еден момент не е отворено прашањето за намалување на вкупниот број стипендии или укинување на одредена категорија.
Бројот на студентски стипендии, како што посочи, не се уредува со закон, туку се утврдува секоја година согласно Буџетот и потребите на државата.
„Да се прејудицира уште од сега дека се намалени стипендиите е чиста манипулација на политичката партија СДСМ бидејќи бројот на стипендии не е уреден со законско решение, туку се одлучува на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата“,
напиша таа на Фејсбук.
Со предложените измени на Законот за студентски стандард, како што вели, се предвидува подобра прераспределба на стипендиите во рамки на годишната квота што ја утврдува Министерството, со цел тие да се темелат на успехот на студентите, потребите на државата и пазарот на трудот.
Според неа, во последните пет години квотата за социјални стипендии не била целосно исполнета и поради тоа дел од стипендиите останувале недоделени.
„Во последните пет години квотата за социјални стипендии не се исполнува, односно истите не се доделуваат во бројот кој е предвиден. Тоа е позитивна статистика и не вреди да се напаѓа, имајќи предвид дека станува збор за ‘социјална категорија на граѓани‘. Од друга страна, пак, кога квотата од една група не се исполнува, таа не може да се пренесе во друга група и заради тоа остануваа недоделени стипендии“,
вели Јаневска.
Измената на Законот, како што додава, дава основа за јасна дистинкција меѓу категориите на стипендии, за кои потоа на годишно ниво, врз основа на Програмата за развој и унапредување на студентскиот стандард и конкурсите ќе се утврдуваат бројот на стипендии по категорија и износот на стипендијата за секоја посебна категорија.
Ги отфрли и тврдењата дека ќе се зголеми партиципацијата за сместување во студентските домови и нагласи дека во законските измени не е наведена висината на надоместокот што ќе го плаќаат студентите.
„Во ниту еден член во предлог законските измени не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека таа ќе биде поголема од постојната. И партиципацијата, како и студентските стипендии се утврдува на годишно ниво со Програмата“,
рече таа.

Воедно, информира дека се подготвува ново законско решение со кое државата ќе ги преземе платите на вработените во студентските домови, со што би се намалил финансискиот товар за студентите.
Најави и дека ова лето ќе започне реконструкција на сите студентски домови во државата, кои по завршувањето треба да бидат енергетски ефикасни и модерно опремени.
Во реакцијата, Јаневска се осврна и на мерките што ги предлагаше СДСМ за време на ковид-кризата и оцени дека тие биле недоволно разработени и тешко применливи во практика.
„Што се однесува до мерката на СДСМ за ковид-кризата, добро е кажано во нивната реакција, таа се однесуваше само за тој период. Истата беше недоразвиена и неприменлива, без наведени критериуми како да се спроведе, како да се избере приватно сместување, кој ќе гарантира и кој ќе ја проверува безбедноста во приватното сместување и слично. Никој не посакува повторно да се воведе мерка за кризна ситуација, иако постои инструмент ‘Уредба со законска сила‘ со кој веднаш може да се интервенира во Законот. Сепак, мерките треба да имаат применливост за да можат да бидат вистински мерки, а не само на хартија“,
кажа Јаневска.
Подмладокот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со предложените измени на Законот за студентскиот стандард удрила директно врз студентите, намалувајќи ги средствата што претходно се издвојуваа за нивна поддршка и воведувајќи категоризација при сместувањето во студентските домови.
Од Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека СДСМ продолжува со своите лаги и манипулации, посочувајќи дека стипендиите не се намалени со Законот за студентскиот стандард, оти бројот на стипендиите не е дел од законското решение, туку истите се носат на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата.
Инаку, измените на Законот за студентскиот стандард се поднесени од седум пратенички на владејачкото мнозинство и се во собраниска процедура, односно се во фаза на второ читање.
