Како што изјави на денешната прес-конференција Стефанија Кузмановска од СДММ, со предложените измени се намалуваат стипендиите за социјални категории, а поскапува и сместувањето во студентските домови
Подмладокот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со предложените измени на Законот за студентски стандард удрила директно врз студентите, намалувајќи ги средствата што претходно се издвојуваа за нивна поддршка и воведувајќи категоризација при сместувањето во студентските домови.

„Наместо подобрување на студентскиот стандард, власта најде начин како да скрати и од студентите, додека вртат милионски криминални тендери. Новите измени на Законот (за студентски стандард) се директен удар врз студентскиот стандард“,
изјави денеска на прес-конференција Стефанија Кузмановска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).
Како што наведе таа, со предложените измени се намалуваат стипендиите за социјални категории, а поскапува и сместувањето во студентските домови.
По првпат, рече Кузмановска, се воведува категоризација на студентските домови во два типа – Тип 1: Енергетски ефикасни и реконструирани објекти и Тип 2: Постојни, односно нереновирани студентски домови.
Според неа, ова значи дека богатите ќе можат да престојуваат во реновираните домови со подобри услови, а сите останати во старите и нереновирани домови.
Власта, рече таа, крати и од поддршката на студентите за сместување и храна.
„За домовите од Тип 1, наместо досегашните 50%, државата ќе покрива само до 40% од трошоците. За домовите од Тип 2, партиципацијата останува до 50%. Наместо еднакви услови за сите, ВМРО создава двокласен систем во високото образование – студенти од привилегирани семејства и студенти кои ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат“,
рече Кузмановска.
Со предлог-измените на Законот, кажа таа, власта ја укинува и мерката донесена за време на ковид-кризата, кога со Владата раководеше СДСМ, односно веќе нема да има поддршка од 6 000 денари за приватно сместување или меѓуградски превоз за студентите.
Дополнително, според Кузмановска, се крати и од стипендиите наменети за студенти од социјално ранливи категории, односно наместо досегашните 49 отсто за нив сега се предвидени 40 отсто од вкупниот број стипендии.
„За ваква ли грижа за младите зборува (Христијан) Мицкоски? Со кое лице им вели на младите ‘не се иселувајте’, кога истиот тој ја крати поддршката,создава систем во кој образованието станува привилегија, а не право? Јасно е дека на ВМРО не му се важни студентите, важно им е само да најдат начин како да украдат повеќе пари за нивните криминални тендери и луксузи. Со оваа власт, на која не ѝ се важни студентите, младите ќе си заминуваат од државата уште порано, барајќи подобри услови, поголема сигурност и поправеден систем на странските универзитети“,
рече членката на СДММ.
Таа порача дека СДММ бара итно повлекување на, како што кажа, ваквото неправедно законско решение, бидејќи ударот врз студентите е удар врз иднината на државата.
Инаку, измените на Законот за студентски стандард се поднесени од седум пратенички на владејачкото мнозинство и се во собраниска процедура, односно се во фаза на второ читање.
