Според него, она што е предложено во предлог-измените на Законот треба да овозможи подобро прераспоредување на стипендиите во рамките на квотата од 100 отсто. Целта, како што кажа, е да им се излезе во пресрет на студентите и да има стипендии кои ќе се базираат на успех, на потребите на државата и на пазарот на трудот
Социјалдемократскиот сојуз продолжува со своите лаги и манипулации. Вака од Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ денеска ги искоментираа обвинувањата од Социјалдемократската младина на Македонија дека со предложените измени на Законот за студентски стандард се крати од стипендиите на студентите и се врши промена во критериумите за сместување во студентските домови.

Тодор Конески, член на Извршниот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, попладнево на прес-конференција обвини дека откако по седум години власт СДСМ не направила ништо за студентите и не исполнила ниту едно ветување, сега кога студентите имаат партнер во Владата, манипулираат дека стипендиите се намалени.
„Такво нешто нема, стипендиите не се намалени со Законот за студентскиот стандард, бројот на стипендиите не е дел од законското решение, туку истите се носат на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата“,
рече Конески.
Според него, она што е предложено во предлог-измените на Законот треба да овозможи подобро прераспоредување на стипендиите во рамките на квотата од 100 отсто. Целта, како што кажа, е да им се излезе во пресрет на студентите и да има стипендии кои ќе се базираат на успех, на потребите на државата и на пазарот на трудот.
„Тоа што остануваат недоделени стипендии се должи на позитивна статистика во последните пет години, што значи дека квотата за социјални стипендии не се исполнува, односно истите не се доделуваат во бројот кој е предвиден. А од друга страна, пак, кога квотата од една група не се исполнува, таа не може да се прелее во друга група“,
кажа членот на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа насока, како што кажа, измената на Законот овозможува јасна дистинкција меѓу видовите стипендии. Според него, на годишно ниво, а врз основа на Програмата за развој и унапредување на студентскиот стандард и конкурсите, ќе се утврдуваат бројот на стипендии по вид и износот на стипендијата за секоја категорија посебно.
Како што наведе Конески, досегашното доделување стипендии било конфузно и со ист месечен износ, и не се знаело дали финансиската поддршка се доделува за висок просек и како стимул за стратешки области.
Тој кажа оти СДСМ лаже и за сместувањето во студентските домови бидејќи, како што наведе, никаде во предлог-измените не е наведена партиципацијата што ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека ќе биде поголема од постојаната.
„И партиципацијата, исто како и стипендиите се утврдува на годишно ниво со Програмата. Од друга страна, пак, Министерството работи на ново законско решение со кое ќе ги преземе платите на вработените во студентските домови, за да се намали товарот врз партиципацијата која ја плаќаат студентите, а од која се финансираат платите на вработените во студентските домови“,
рече Конески.
Како најважно во врска со ова прашање, тој го наведе дека летово ќе започне реконструкција на сите студентски домови, кои по завршувањето со работите ќе бидат енергетски ефикасни, со подобрен комфор, најсовремена опрема и уредување.
Инаку, подмладокот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со предложените измени на Законот за студентскиот стандард удрила директно врз студентите, намалувајќи ги средствата што претходно се издвојуваа за нивна поддршка и воведувајќи категоризација при сместувањето во студентските домови.
„За домовите од Тип 1, наместо досегашните 50%, државата ќе покрива само до 40% од трошоците. За домовите од Тип 2, партиципацијата останува до 50%. Наместо еднакви услови за сите, ВМРО создава двокласен систем во високото образование – студенти од привилегирани семејства и студенти кои ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат“,
рече членката на СДММ, Стефанија Кузмановска, на денешната прес-конференција.
Инаку, измените на Законот за студентскиот стандард се поднесени од седум пратенички на владејачкото мнозинство и се во собраниска процедура, односно се во фаза на второ читање.
