Државната изборна комисија симулираше како ќе изгледа изборниот ден, оти првпат организира гласање во време на пандемија. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека нема ризик и верува дека гласачите ќе излезат, не стравувајќи за своето здравје.
Полицијата на влезната врата бара гласачите да стават заштитна маска. По влегување во објектот, ред за гласање се чека на дистанца.

При влегување во просторијата, гласачот прво ги дезинфицира рацете, ѝ ја подава личната карта на изборната комисија. Накратко, ја симнува маската за идентификација, гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете. Во просторијата за гласање не може истовремено да има повеќе гласачи од вкупниот број паравани за гласање.
Државната изборна комисија денеска на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје симулираше како ќе изгледа изборниот ден, оти првпат организира гласање во време на пандемија.
„Ги замолувам сите стручни служби и другите административни служби задолжени за спроведување на изборите, да ги запазат и да ги следат сите претставени мерки за заштита на здравјето на граѓаните“,
кажа потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека гласањето е сигурен процес бидејќи се планира да се спроведе по препораките на Комисијата за заразни болести.
„Нема апсолутно никаков ризик. Има услови целосно да се испочитуваат принципите за превентивните мерки и протоколот од Комисијата за заразни болести во целост да биде имплементиран. Верувам дека на самиот ден на гласање, гласачите ќе излезат на гласање не стравувајќи дека нивното здравје може да биде загрозено“,
изјави Филипче.

ДИК на почетокот на месецов го заклучи Избирачкиот список со вкупно 1 814 263 гласачи. Гласањето за предвремените парламентарни избори ќе трае три дена. Први, на 13 јули (понеделник) ќе гласаат лицата во домашен карантин или самоизолација, но само доколку се пријават за гласање најдоцна денеска до полноќ. На 14 јули гласаат болните и изнемоштени лица, како и оние во затвор/притвор.
На 15 јули (среда) гласаат останатите гласачи од Избирачкиот список. За нив изборниот ден ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 21 часот. Изборниот ден првпат е продолжен за два часа поради новонастанатата ситуација со коронавирусот.