Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување за гласање на предвремените парламентарни избори на лицата што се заразени со ковид-19, оние што се наоѓаат во самоизолација или карантин, болните, немоќните и лицата со хронични болести.
Заразените и оние што се во изолација можат да се пријават со полномошник или преку апликацијата поставена на веб-страницата на ДИК https://izolacija.sec.mk/. Покрај копија од лична карта, до Општинската изборна комисија или преку апликацијата треба да достават и копија од решението за карантин или самоизолација издадено од Државен санитарен и здравствен инспекторат. Тие ќе гласаат први, односно во понеделник на 13 јули. Оние кои ќе добијат позитивни резултати на ковид-19 или решенија за изолација после 8 јули, пак, нема да може да гласаат.
Болните, немоќните и хронично болните ќе гласаат на 14 јули. И тие до општинските изборни комисии треба да се пријават за гласање со доставување на соодветна документација.
Последните официјални податоци што ДИК ги објави за пријавени за гласање на 13 и 14 јули се од 6 јули напладне. Дотогаш за гласање биле пријавени само 19 лица со ковид-19 и 1 129 болни и немоќни лица.