„Нема достоинство во држава каде родителите мора да маршираат за да бидат слушнати. И нема победа над темнината додека вистината за 63 ангели сè уште талка по улиците, наместо да стои јасно и гласно во институциите“, порачаа говорниците на 42. „Марш на ангелите“ што денеска се одржа во Кочани

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 42. „Марш на ангелите“. Чекореа низ улиците во Кочани тргнувајќи од Паркот на револуцијата, а завршувајќи кај зградата на Основното јавно обвинителство во Кочани.
На институциите им се обратија во три наврати. Застанаа и пред зградата на полицијата барајќи одговорност за полициските службеници кои таа ноќ, како што рекоа, не интервенирале кога се запалила пиротехниката, како и при евакауцијата на нивните деца од дискотеката.
„Што точно правеле службените лица во тие клучни моменти? Тие немо стоеле и ги блокирале вратите на единствениот влез и излез и кога увиделе дека пожарот се шири, први кукавички бегаат да спасат глава. Ова е институционален пораз во најкритичниот момент. Затоа денес прашуваме – дали ова е систем подготвен да штити граѓани или систем што целосно потфрлил во најважниот момент? Затоа што во тие минути не се мерела само професионалноста, се мерела човечноста, се мерела одговорноста, се мерело дали униформата значи заштита или само функција без тежина кога е најпотребно. Но затоа совршено функционирале молкот, замижувањето, меѓусебното штитење и чувството дека никој никогаш нема да одговара. Години наназад системот не гледал ништо“,
рече Розета Блажева.
Нема европска иднина без правда, порачаа семејствата на жртвите во пожарот и прашаа – како точно планирате да стигнете до Европа, ако со години не успевате да стигнете ни до сопствената одговорност.
„Нема достоинство во држава каде родителите мора да маршираат за да бидат слушнати. И нема победа над темнината додека вистината за 63 ангели сè уште талка по улиците, наместо да стои јасно и гласно во институциите. Затоа и денес ќе чекориме. За нашите 63 ангели. За вистината. И како потсетник дека човечкиот живот не смее да биде најевтината ставка во овој трул систем“,
рече Марија Патрушева.
Пред зградата на Обвинителство семејствата им се обратија на премиерот и на министерот за внатрешни работи порачувајќи им дека досега не го реализирале своето ветување – „И брат да ни е, ќе одговара“.
