Реакцијата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, следува откако претходно денеска граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ објави дека пред советниците на Општина Центар на следната седница ќе се најде барање на МПЦ-ОА за одобрување средства од општинскиот буџет за изградба на црква во Берлин
Пред советниците на Општина Центар на следната седница на Советот ќе се најде барање од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за одобрување на средства од општинскиот буџет за изградба на црква „Свети Климент Охридски“ во Берлин. Информацијата денеска на својот фејсбук-профил ја објави граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која има свои претставници во Советот на Општина Центар.

„Градоначалникот на Центар на следната седница на Советот бара одобрување од советниците, Општината да донира пари од граѓаните на МПЦ за изградба на храм во Берлин. Да потсетиме дека Општина Центар со одлука веќе е милостива кон МПЦ бидејќи не им наплаќа пенали за незавршена градба на улица ‘Македонија’, црквата ‘Свети Константин и Елена’. Во општина Центар МПЦ е коинвеститор-сопственик на дел од зградите кај Холидеј Ин. Исто така, сакаме да потсетиме на секуларноста на Македонија која е запишана во Уставот. Во Центар живеат граѓани со различни вери и убедувања. Дали парите на граѓаните треба да се донираат за верски објекти?“,
пишува во објавата на Фејсбук на „Шанса за Центар“.
Оттаму предлагаат, сите советници кои би го поддржале барањето, наместо од општинските пари, донацијата да ја направат од месечниот надомест за учество во Советот на Општина Центар.
Во меѓувреме, со реакција се јави градоначалникот Горан Герасимовски.
Тој во објава на Фејсбук посочува дека како градоначалник има законска обврска да го проследи барањето до Советот, но дека негов личен, но и став на советниците на СДСМ е дека нема да поддржат проекти од општинскиот буџет на Центар кои не се во интерес на граѓаните и општината.
„Во врска со реакциите за предложената точка на дневен ред за донирање на финансиски средства на ‘Македонска православна епархија за Европа – Берлин’, апелирам граѓаните да не подлегнуваат на инсинуации и шпекулации. Моја законска обврска е барањето да го проследам до Советот. А став на советниците на СДСМ и мој личен став е дека нема да поддржиме проекти од буџетот на Општина Центар кои не се во интерес на граѓаните на општината“,
пишува Герасимовски во објавата на Фејсбук.
