Вчера ВМРО-ДПМНЕ оцени дека испраќањето на две имиња, а не три во ситуација кога не е завршена дебата за сите кандидати, е преседан што не е виден во Собранието во изминатите три години и најави можност за интерпелација, но и за кривични пријави
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, тврди дека мнозинството не излегло од процедурата за избор на уставни судии и порачува дека нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ја доведе државата во уставна криза.
Неговата изјава следува откако вчера ВМРО-ДПМНЕ најави можна интерпелација и кривични пријави бидејќи сметаат дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата прво треба да ја заврши дебатата за сите имиња предложени за уставни судии и на крај уште еднаш да гласа за трите имиња заедно за да бидат предложени на пленарна седница. Наспроти нив, Митрески е на ставот кој го застапува и претседателката на оваа Комисија, Марија Георгиевска од СДСМ, дека нема потреба да се заврши дебата за сите имиња бидејќи за секој се дебатира и се гласа поединечно. Од тие причини, Георгиевска испрати известување до Џафери со предлог за избор на двајца уставни судии, наместо три – колку што треба да предложи Комисијата.
„Да направиме разлика помеѓу избор на уставен судија, на член на кое било тело со закон и поднесување амандмани. Кога станува збор за некаков избор, тогаш нема амандмани, единствено се води расправа во Комисијата за избори и именувања и се отвора дискусија за секој посебно и се гласа за секој посебно. Претседателката на Комисијата го информираше претседателот на Собранието дека за тие двајца кандидати завршена е дискусијата и изгласаноно е со мнозинство дека треба да продолжат во понатамошна постапка, со тоа што исто така го информира Комисијата и понатаму ќе продолжи со работа“,
рече Митрески денеска.
ВМРО-ДПМНЕ, порача тој, слободно нека поднесува кривични. Според него, во постапката не се излегува надвор од процедурата и дециден е дека нема да дозволат да дојде до уставни криза.
„Ако целта на опозицијата е да го блокира изборот на уставни судии и да ја донесе земјата во уставна криза, бидејќи во ноември завршува мандатот и на петтиот уставен судија, тоа нема да го дозволиме. Значи, ако е тоа целта, нема да дозволиме, ова што го правиме, и јас се спомнувам во нив затоа што тврдам дека тоа е така, нека поднесат и пријави и што сакаат, затоа што ова е во склоп на процедурата и излегуваме во пресрет на тоа да не се создаде уставна криза со тоа што нема да функционира уставниот суд“,
рече Митрески.
Тој вели дека со опозицијата биле договорени дека уште на првата седница во септември, по годишните одмори, да се заврши постапката за избор на уставни судии, меѓутоа ден пред да почне да заседава Собранието им рекле дека договорот веќе не важи.
„Ние на темата уставни судии зборуваме од април месец, пред летните одмори барав да работиме во текот на одморите за да ја завршиме процедурата. Добив уверување дека до првата седница во септември ќе биде завршено се на Комисијата и ќе се стават на дневен ред на првата седница после годишните одмори. Тоа беше на 14 септември. На 13 септември бев информиран дека договорот не важи. Еве уште еден месец даваме простор тоа да се заврши ама сите сме сведоци на ’процедурални забелешки‘ кои немаат ништо во процедурата, само за одолговлекување на времето со говори кои траат неколку часа на теми кои немаат врска со изборот на уставните судии со цел да дојде до уставна криза. Тоа нема да го дозволиме“,
вели Митрески.
Вчера, пак, ВМРО-ДПМНЕ оцени дека испраќањето на две имиња, а не три во ситуација кога не е завршена дебата за сите кандидати, е преседан што не е виден во Собранието во изминатите три години.
„Вистина е дека на седницата на Комисијата се гласа за секој предлог поединечно, меѓутоа конечните три предлози се гласаат заеднички во целина и така се затвора точката од дневен ред на самата комисија. И ваков извештај кој има строго одредено што треба да содржи – кој како гласал, со колку гласа поминал, дали има издвоено мислење, претседателката на Комисијата го доставува до претседателот на Собранието, кој врз основа на целиот овој материјал го става на гласање“,
рече вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој и денеска повтори дека нивниот став е оти е прекршена процедурата и порача дека најмалку со што ќе се соочи претседателката на Комисијата е интерпелација.
„Имаме девет кандидати. Јас како член на оваа комисија имам право за некого да гласам ‘за’, за некого ‘против’. крајн иот предлог во целина доаѓа со трите предлози и тоа е тоа што ние треба да го изгласаме и да го пратиме како извештај до претседателот на Собранието. Јас можам да имам издвоено мислење, можеби првиот предлог ми се допаѓа, но за вториот сум против, а на крај во целина за тројцата како комплет ќе гласам ‘за’ или ‘против’… Ако власта вели дека е така, зошто веднаш по изборот на првиот кандидат не го пуштија до Собрание како точна на дневен ред и да го избереме. Изборот на првиот предлог во Комисијата го направивме пред 3-4 месеци“,
рече денеска Мицевски.
Во Комисијата за прашања на изборите и именувањата беа предложени вкупно девет имиња за три места во Уставен. Три од предлозите дојдоа од пратениците од власта: државниот обвинител Љубомир Јовески; судијата Фатмир Скендер од Апелацискиот суд Скопје; и правничката Татјана Васиќ, која била советник во неколку институции како што се министерствата за правда и здравство.
Пратениците од опозицијата, пак, предложија шест кандидат: обвинителот од Вишото јавно обвинителство во Штип Тодор Витларов; охридскиот обвинител Воислав Димоски; пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, како и поранешен пратеник и претседател на Собранието Саво Климоски; професорка од Правниот факултет, Родна Живковска; управната судијка од Битола Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
За осум од нив, заврши дебатата и гласањето дали да бидат предложени за уставни судии до пленумот во Собранието. Скендер и Васиќ добија поддршка од мнозинството членови на Комисијата, додека ниту еден од шесте предлози на ВМРО-ДПМНЕ не го поминаа комисискиот филтер.
Единствено дискусијата не е завршена за Љубомир Јовески. Досега се одржаа низа продолженија на седницата, меѓутоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со повеќечасовни говори и процедурални забелешки го блокираат изборот на Јовески.
Од опозицијата велат дека тие не се само против Јовески туку и против други кандидати, но и начинот на избор.
„Не е само Јовески. Јовески случајно се нашол на последното место и се разговара за него. Ние исто разговаравме и за другите предлози за кандидати. Не би сакал да го фрлам фокусот само на Јовески. Ако тие имаат проблем со Јовески и причина зошто го ставија на последното место и што досега тактизираа и тоа што неформално се слуша што му се нуди на човекот за да се направи, е друга работа. Ама ВМРО-ДПМНЕ да го обвинуваш за нешто што ти не си го работел 13 месеци – не. Во оваа држава има неспособна и неработлива власт која не сака да си ги заврши процесите врз она што значи Деловник и процедура за работа“,
рече Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, Уставниот суд се соочува со недостиг на судии. Трите места што треба да ги пополнат кандидатите што треба да се изберат во оваа постапка се испразнија уште во мај лани. Во јануари годинава заврши мандатот на уште еден уставен судија, со што судот остана со само пет од вкупно девет судии.
Во меѓувреме, претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, неколку пати алармираше за состојбата, а во последното писмено обраќање до Собранието и до Судскиот совет предупреди дека државата е пред уставна криза бидејќи на 7 декември ќе истече мандатот на уште една судијка со што ќе останат само четворица уставни судии што не е доволно ниту за одржување седници.