„Парижаните“ ја освоија својата втора титула во своето трето финале, додека Арсенал го претрпе вториот пораз откако во 2006 загуби во големото финале од Барселона. Со денешниот триумф, ПСЖ стана деветтиот клуб кој успешно ја одбранил титулата европски клупски шампион по Реал Мадрид, Бенфика, Интер, Ајакс, Баерн Минхен, Ливерпул, Нотингем Форест и Милан
Фудбалскиот клуб Пари Сен-Жермен (ПСЖ) ја одбрани титулата европски шампион откако по изведувањето пенали беше подобар од Арсенал, совладувајќи го англискиот клуб со 4-3. Во регуларниот дел, финалниот меч од Лигата на шампионите кој се играше на Арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта заврши нерешено 1 -1, а мрежите мируваа и во двете продолженија, по кои уследи пенал-рулетот.

Парижаните ја освоија својата втора титула во своето трето финале, додека Арсенал го претрпе вториот пораз откако во 2006 загуби во големото финале од Барселона. Со денешниот триумф, ПСЖ стана деветтиот клуб кој успешно ја одбранил титулата европски клупски шампион по Реал Мадрид, Бенфика, Интер, Ајакс, Баерн Минхен, Ливерпул, Нотингем Форест и Милан.
Интересно е што Арсенал има одиграно повеќе натпревари во Лигата на шампионите од кој било друг клуб во историјата без никогаш да го освои трофејот. Имено, „топџиите“ од Лондон во Лигата на шампионите на ЕУФА имаат одиграно вкупно 226 натпревари.
Вечерашниот меч беше судир на најдобриот напад, ако се земе предвиде дека ПСЖ на патот до финалето постигна 44 гола, и најдобрата одбрана. Арсенал до Будимпешта стигна непоразен со само шест примени гола и девет средби без примен гол.
Финалето во Будимпешта започна одлично за лондонскиот клуб. „Топџиите“ поведоа во шестата минута од натпреварот, кога Маркињос се обиде да ја избие топката некаде на средината на теренот, но таа го погоди Леандро Тросард и се одби до Хаверц, кој го претрча Маркињос и стигна до шестнаесетникот на ПСЖ, каде ја префрли преку главата на голманот на „парижаните“, Матвеј Сафонов.

Хаверц влезе во историјата како само третиот играч кој постигнал гол во финале за два различни клуба. Тој успеа да го стори тоа и за Челзи во победата од 1-0 над Манчестер Сити во 2021 година. Пред него, ова успеале да го направат само Кристијано Роналдо, постигнувајќи голови во финалињата на ЛШ за Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, и Марио Манџукиќ, кој има постигнато голови во големото финале за Баерн Минхен и Јувентус.
По почетниот шок, ПСЖ потоа ја презеде иницијативата и доминираше на теренот. „Парижаните“ ја имаа својата прва шанса во 13. минута, кога Руиз шутираше покрај голот. Бранителите на титулата имаа повеќе од 70 проценти посед на топката, но таа се движеше премногу бавно, бидејќи Арсенал брзо и успешно ги затвораше сите дупки. Во 42. минута, Руиз имаше уште една полушанса, овој пат со глава, но повторно непрецизно.
Во последните моменти од првото полувреме, Хаверц имаше уште една шанса, но не реагираше добро. ПСЖ ја имаше првата шанса во второто полувреме, кога Хакими изведе слободен удар од 25 метри во 54. минута, но тој отиде директно во рацете на голманот.
ПСЖ успеа да израмни во 64, минута со гол на Дембеле од пенал. Квича и Дембеле одиграа двојно додавање, а Москера несмасно го собори Кваратскелија. Судијата Зиберт немаше сомнежи, а неговата одлука беше потврдена со ВАР.
Back-to-back 🏆🏆
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) May 30, 2026
Your 2025/26 Champions League winners: Paris Saint-Germain ❤️💙
#UCLfinal pic.twitter.com/xltuTOP2VB
Во 73. минута, Витиња се охрабри, шутирајќи од повеќе од 25 метри, но над голот. Минута подоцна, Арсенал одговори, но Сафоново го пресретна додавањето. Четири минути подоцна, ПСЖ имаше одлична шанса, кога Кваратскелиа го „измами“ Салиба во својата половина, и во контранапад од левата страна, влезе во шеснаесетникот и шутираше, но топката се одби од Габриел во голот.
ПСЖ имаше ветувачка шанса во 89. минута, Витиња шутираше од работ на шеснаесетникот, но над голот. Во седмата минута од судиското продолжение, сè можеше да биде готово, но Баркола пропушти одлична шанса, не успевајќи да го погоди голот.

Во првото продолжение немаше многу возбудувања, само контроверзна ситуација во 103. минута кога Арсенал побара пенал по стартот на Мадуеке и Мендес, но судијата Зиберт само мавна со рака, а потоа им покажа жолти картони на менаџерот Артета и капитенот Рајс за приговори. Следните 15 минути не донесоа премногу возбудувања, а одлуката беше донесена по изведувањето на пеналите.
Во пенал-рутелот за ПСЖ прецизни од белата точка беа Рамос, Дуе, Хакими и Бералдо, додека голманот на Арсенал го одбрани ударот на Мендес. На другата страна, Џокереш, Рајс и Мартинели постигнаа голови, додека Езе шутираше покрај голот, а Габриел својот удар го упати над горната статива.
