„Сите територии нелегално окупирани од руските освојувачи се украинска земја и секогаш ќе бидат дел од оваа суверена нација“, напиша претседателката на Европската комисија на Твитер
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен денеска упати итна порака до рускиот претседател Владимир Путин, во која вели дека „нелегалната анексија на украинските територии нема да промени ништо“.
Претседателот на Русија денеска ги потпиша документите за соединување на самопрогласените nародни rепублики Донецк и Луганск и Херсонската и Запорошката Oбласт со Русија. Покрај Путин, документите ги потпишаа и проруските лидери на овие региони, инсталирани од Москва.
„Нелегалната анексија прогласена од Путин нема да промени ништо. Сите територии нелегално окупирани од руските освојувачи се украинска земја и секогаш ќе бидат дел од оваа суверена нација“,
напиша Фон дер Лајен на Твитер.
The illegal annexation proclaimed by Putin won’t change anything.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) September 30, 2022
All territories illegally occupied by Russian invaders are Ukrainian land and will always be part of this sovereign nation.
Путин во своето обраќање по повод анексијата на украинските територии рече дека властите во Киев мора да го почитуваат изразот на слободна волја на граѓаните кои на т.н. референдуми одлучиле да се соединат со Русија.
Тој апелираше властите во Киев да го прекинат огнот и воените операции, како и да се вратат на преговарачката маса.
Додека рускиот претседател се фали, Западот и целиот демократски свет јасно ставија до знаење дека немаат намера некогаш да ги признаат референдумите и присоединувањето на четирите региони со Русија.