Според ЦУК, нема потреба од прогласување кризна состојба во одредени делови од земјата, но ситуацијата се следи и ако има потреба, веднаш ќе биде прогласена кризна состојба
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до вчера до 18 часот на територијата на државата беа активни неколку пожари во скопскиот, струмичкиот, кумановскиот охридскиот, битолскиот и штипскиот регион.
Пожарот што вчера попладне избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин „Богородица“ е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.
ГП „Богородица“ од вчера по 20 часот повторно е отворен за сообраќај, а претходно возилата се пренасочуваа на граничниот премин „Дојран“.
Како што соопшти ЦУК, во пожарот изгорени се 20 хектари сува трева и борова шума.
Пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во делчевско-пехчевскиот регион е ставен под контрола во однос на опасноста за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак. За ова синоќа информираше делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој повеќе од 20 часови беше присутен на терен и ги координираше работите.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вчера на прес-конференција рече дека е потребна длабока реформа на целиот систем за управување со кризи. Опремата, вели тој, е застарена во противпожарните единици, делумно во некои места е подновена, но тука, според него, има многу работа.
Според ЦУК, нема потреба од прогласување кризна состојба во одредени делови од земјата, но ситуацијата се следи и ако има потреба, веднаш ќе биде прогласена кризна состојба.
Вчера Србија испрати четири хеликоптери за гаснење пожари. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот српски колега Александар Вулин беше на увид на ситуацијата по пожарот во Старо Нагоричане, каде што пожарот е локализиран, но, како што наведе Спасовски, поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од негово повторно ширење.
Припадниците на Армијата се активни во најкритичните точки во справувањето со пожарите. Хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ, кои во текот на вчерашниот ден беа ангажирани во гасење и локализирање на пожарот во реонот на Старо Нагоричане каде исфрлија повеќе од 50 тони вода, од раните утрински часови се ангажираа на пожарот кај Кочани, информира Министерството за одбрана.
„Два хеликоптери непрекинато учествуваат во гасењето на пожарот и ставање под контрола, а еден хеликоптер е во целосна подготвеност за ангажирање. Во исто време во касарните во целосна подготвеност за ангажирање се ставени уште илјада припадници на Армијата кои во случај на укажана потреба ќе бидат ангажирани во истиот момент“,
посочуваат од МО.
Во телефонски разговори меѓу претседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев, како и меѓу премиерите на двете држави, Зоран Заев и Стефан Јанев, Софија изразила подготвеност да помогне во справување на пожарите во земјава.
За да се вклучат бугарските спасувачи и војската, владите на двете земји треба да се договорат за вклучување бугарска противпожарна опрема за да помогнат во контролата на ситуацијата во Кочани, наведено е во соопштението од Кабинетот на Радев. Радев рекол дека и во Бугарија ситуацијата со пожарите е компликувана, но изразил подготвеност Софија да пружи помош.
Бугарскиот премиер, во разговорот со Заев, изразил подготвеност, доколку е потребно, Софија да ја поддржи С Македонија во справувањето со огнената стихија. Јанев му укажал на Заев дека во неколку делови на Бугарија противпожарни служби исто така се борат со пожари. Контролирањето на ситуацијата со пожарите во Бугарија е приоритет, се вели во соопштението на бугарската Влада.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара одговорност од власта поради пожарите кои избувнаа на повеќе локации во земјава. – Од власта веќе никој не бара одговори, од нив бараме само одговорност. Мизерна неспособност!, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вчера рече дека правната служба на партијата ќе поднесе кривични пријави до власта поради непостапување навремено спречување на пожарот во Кочани, со барање за одговорност и оставки веднаш.
„Како што вчера рековме дека ќе помагаме на граѓаните, колку можеме во рамките на граѓанските капацитети кои што ги поседуваме. А, денеска наместо одговори од власта ќе бараме одговорност“,
рече Арсовски.