Потенцијалниот стратешки интерес за глобалните синџири на снабдување, според партијата, не смее да се користи како доказ за исплатливост

По неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се откаже од експлоатацијата на антимонот, од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) бараат целосни и проверливи информации за проектот „Крстов Дол“ кај кривопаланечкото селото Луке, предупредувајќи дека стратешкото значење на овој минерал не смее да служи како изговор за занемарување на еколошките критериуми.
Од ДОМ потсетуваат дека американската развојна финансиска корпорација (DFC) во април склучила договор за финансирање до 5 милиони долари со компанијата „Пела глобал“, но нагласуваат дека станува збор за средства наменети исклучиво за физибилити-студии и истражувања кои допрва треба да ја потврдат одржливоста на проектот. Потенцијалниот стратешки интерес за глобалните синџири на снабдување, според партијата, не смее да се користи како доказ за исплатливост.
Поради тоа, ДОМ упати барање до Владата јавно да одговори на неколку прашања.
Поради загриженоста за природните ресурси, од партијата прашуваат колкави се докажаните рудни резерви и врз основа на кои геолошки испитувања се утврдени тие бројки, како и каков капацитет и технологија за експлоатација и преработка се планираат. Исто така, тие бараат одговори за тоа колку вода ќе се троши, од кои извори ќе се обезбедува и како ќе се спречи евентуалното загадување на околината.
Од партијата се осврнуваат и на безбедноста и финансиите, односно каде ќе се складира јаловиштето, кој ќе гарантира за неговата долгорочна безбедност и кој ќе ги покрие трошоците за рекултивација преку соодветни финансиски гаранции од инвеститорот. Од ДОМ бараат и одговор дали се веќе направени независни студии за влијанието врз здравјето и животната средина и кога ќе ѝ бидат ставени на увид на јавноста.
„Ако Владата навистина сака овој проект да биде пример за економски развој, тогаш треба да биде пример и за транспарентност, одговорност и заштита на јавниот интерес. Стратешкото значење на еден минерал не ги укинува домашните процедури. Природните ресурси и нивното користење мора да се темелат на факти, правила и транспарентност, а не на политички изјави и ветувања“,
порачуваат од ДОМ.
Најавата за отворање рудник за антимон стигна од премиерот Христијан Мицкоски во април годинава, кој проектот го најави како голема стратешка инвестиција. Според него, економската придобивка од оваа инвестиција ќе биде огромна бидејќи целото производство ќе биде наменето за американскиот пазар.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ги критикуваа најавите на Мицкоски и предупредија дека рудниците за антимон и литиум се вбројуваат меѓу најопасните за животната средина. Оттаму сметаат дека треба да се распише референдум, преку кој граѓаните на Крива Паланка ќе го искористат своето демократско право сами да донесат одлука дали сакаат рудник за антимон во својата општина.
Минералот антимон е ретка суровина што најчесто се применува во индустријата и технологијата, особено во производство на батерии, огноотпорни материјали и легури. Неговата побарувачка во последните години е во пораст, главно поради неговата примена во енергетиката и електрониката.
Кина е најголемиот светски производител на антимон.
