По цели 39 години нова детска градинка „Темјанушка“ беше отворена денеска во Неготино. Во неа ќе се згрижуваат и воспитуваат 169 деца. Изградбата на оваа градинка е финансирана од проектот за подобрување на социјални услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика (МТСП) со поддршка на Светска банка.
Општина Неготино е една од четирите општини кои први ги потпишаа договорите со кои добија грант за изградба на нови детски градинки заедно со останатите општини Кочани, Кавадарци и Кисела Вода. Вредноста на грантот за изградба на детска градинка изнесува 69,6 милиони денари.
Општина Неготино со повеќе од еден милион и 700.000 денари учествува во партерното уредување на надворешниот дел на градинката кој се очекува во најскоро време комплетно да биде завршен.
На отворањето на градинката присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска, како и градоначалникот на Општина Неготино, Тони Делков.
„Веќе подолго време сериозно работиме на зголемување на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование и во склоп на овие заложби и Општина Неготино конечно го доби она што го заслужува и што и е потребно, детска градинка, изградена според највисоките стандарди за ран детски развој со што се зголемуваат капацитетите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и ја постигаат својата цел да нема повеќе незгрижено дете од Општина Неготино коешто сака да ги посетува градинките“,
изјави Заев.
„Она што е значајно дека Неготино добива навистина најсовремена и најубава градинка во државата, една градинка којашто е изградена согласно најдобрите практики за просторно уредување, градинка којашто е енергетски ефикасна, меѓутоа она што за мене е особено значајно градинка којашто ќе овозможи пристап за децата со попреченост и за децата коишто доаѓаат од ранливите категории на граѓани и децата од ромската етничка група“,
нагласи министерката Шахпаска.
Градоначалникот Делков потсети дека во изминатиот период родители бараа место плус за нивните деца да може да посетуваат градинка. Потенцираше дека со ова се решава долгогодишниот проблем. Директорката на градинката, Јана Коцева, информираше дека постоечката градинка „Фемо Кулаков“ се проширува за уште овој нов објект, а со тоа престанува да постои долгогодишната листа на чекање.
Објектот почна да се гради во 2020 година. Во него има девет занимални, кујнски и трпезариски простор и административно службен дел.