Од Кризниот штаб се бара помош и од граѓаните и фирмите, сопственици на багери, булдожери и моторни пили, кои и знаат да управуваат со истите, доколку се во можност, да покажат добра волја и да се вклучат во гаснењето на пожарот

Вклучување на припадниците на АРМ во гаснење на пожарот на планината Серта побара денеска Кризниот штаб на Општина Неготино.
Од утрово, во гаснењето на пожарот, што избувна во средата, интервенираат еден воен и еден полициски хеликоптер и два „ертрактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од Министерството за внатрешни работи велат дека полицискиот хеликоптер „бел-412“ дејствувал на пожарот на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце при што во 10 налета биле исфрлени се над 15 тони вода.
Во соопштението од Кризниот штаб што го објави градоначаникот на Неготино, Горан Стојанов се бара помош и од граѓаните и фирмите, сопственици на багери, булдожери и моторни пили, кои и знаат да управуваат со истите, доколку се во можност, да покажат добра волја и да се вклучат во гаснењето на пожарот на планината Серта кај селото Калањево.
„Сите заинтересирани, кои ќе се упатат кон Калањево, ги информираме дека на патот ќе бидат пресретнати од полициска патрола на МВР, што е на местото на настанот, чии припадници ќе им дадат насоки во кој правец да се движат и на кои локации е потребен нивен ангажман“,
се додава во соопштението од Кризниот штаб.
Од Кризниот штаб на Општина Неготино апелираат до граѓаните за почитување на мерките и препораките дадени изминатите денови од кога е и активен пожарот на Серта.