Здравствените работници – првите во борбените редови против пандемијата, не само што се изложени на опасноста од зараза со ковид-19, туку се склони и кон оштетувања на кожата поради носењето на неопходната заштита и останатите мерки за превенција предвидени во здравствените протоколи.
Ова било тема на истражувања и научни публикации и во минатото, како на пример во 2003 година кога беше епидемијата со SARS, а не е исклучок ниту сега кога целиот свет се соочува со пандемијата од ковид-19. Една таква публикација е Консензусот на кинеските дерматолози за заштита на кожата и слузниците на здравствените работници кои се борат против коронавирусот, објавен во научното списание „Chinese Journal of Dermatology“, а подготвен од Здружението на кинески дерматолози, Кинеското дерматолошко друштво и Националниот истражувачки центар за кожни и имунолошки болести. Докторката Катерина Дамевска од Универзитетската клиника за дерматологија во Скопје, пак, доби согласност и го реобјави на македонски јазик.
Склоноста на здравствените работници кон оштетување на кожата, се наведува во овој напис, може да доведе до секундарни инфекции и кожни болести.
„Неопходно е стриктно следење на упатствата за носење на заштитна опрема и спецификација на миење и стерилизација. Недоволна, но и прекумерна заштита ќе има негативни ефекти на кожата и мукозните мембрани. Истовремено, препорачливо е да се употребуваат емолиенти за нега, за да се постигне подобра заштита“,
пишува во публикацијата во која се даваат совети за здравствените работници како да си ја заштитат кожата.
За да се долови степенот на опасност за кожата, авторите наведуваат податок од студија во која биле опфатени 330 здравствени работници, а од кои дури 71 процент од испитаниците имале оштетувања. Главните симптоми кои се појавувале биле јадеж, печење и жарење на кожата.
Нанесување крема за раце после миење
Анкетата меѓу здравствените работници, на која се повикуваат кинеските дерматолози, покажала дека 66 проценти ги миеле рацете повеќе од 10 пати на ден, но само 22 проценти преземале мерки за нега на кожата после миењето.
Така, покрај препораките за сапуни и средства за дезинфекција, во публикацијата се препорачува и нанесување на крема за раце после секое миење ако дозволува ситуацијата.
Дерматолозите препорачуваат и да се користат соодветни ракавици, но и да се избегнува долга употреба односно да не се носат постојано.
Несакани ефекти од маските за лице и очилата
Покрај ракавиците, несакани ефекти на кожата на здравствените работници можат да се појават и од носењето заштитни маски и очила. Тие можат да влошат претходно постоечка кожна болест, да предизвикаат сувост, појава на акни.
Затоа, Кинезите препорачуваат да се носи адекватна големина на маската, да се менува нејзината положба на лицето за да не прави постојан притисок на едно место, но и да се нанесува навлажнувачки гел пред да се стави маската со што ќе се намали можноста од триење. Во публикацијата, понатаму, детално се опишува и какви сè третмани се потребни за различни оштетувања.
Опремата предизвикува потење, а потта ја оштетува бариерата на кожата
Потењето исто така може да биде штетно за здравствените работници. 64,5 проценти од оние кои кои носат опрема за лична заштита подолго од шест часа, кажале дека по завршувањето со работа се целосно испотени, покажувала анкетата на која се повикуваат кинеските дерматолози.
Потењето, пак, наведуваат тие ја нарушува кожната флора и ја оштетува бариерата на кожата. Дополнително, го намалува и степенот на заштита кој се очекува од средствата за лична заштита и хигиена.
Затоа, препораките во оваа насока е да се ограничат работните часови со заштитна опрема, здравствените работници да се тушираат веднаш после напуштање на контаминираните средини, но и да се избегнува туширање со многу топла вода и да не се користат алкални сапуни. По туширање, пак, препорачуваат, телото да се мачка со крема.
Препораките на кинеските дерматолози се детални, па така тие се осврнуваат и на заштита на устата нагласувајќи да се внимава да се допира до маската при отстранување, да се четкаат забите, да се плакне устата со вода или физиолошки раствор и да се пие врела вода после плакнење.
Ризикот за контаминација на надворешното уво, пак, велат, е релативно мала. Сепак, некои маски може да ја оштетат кожата на надворешното уво и со тоа да се зголеми ризикот од инфекции. Затоа, на здравствените работници им се препорачува хируршката капа да ја стават пред маската и по секое отстранување на заштитна опрема да се мие увото и да се чисти ушниот канал со памучни стапчиња.