Еден од случаите се однесува на пријава од 37-годишна жена во СВР Скопје, на која вонбрачниот партнер ѝ истурил хемиско средство во пределот на лицето и очите, соопшти полицијата

Четири лица се лишени од слобода, а со едно е извршен службен разговор, по вкупно седум пријави за семејно насилство кои ги добила полицијата во изминатото деноноќие.
Во Тетово, полицијата го лишила од слобода Г. Ќ. (44) од с. Добридол, Гостиварско, со престој во Тетово, поради сомнение дека извршил семејно насилство врз неговата 44-годишна сопруга.
На подрачјето на Гази Баба во Скопје, лишен е од слобода Н. Т. (46) од Скопје, по пријава дека во семејниот дом физички ги нападнал своите родители и упатувал закани кон членовите на семејството.
Во Шуто Оризари, лишен од слобода бил М. Б. (40) од Скопје, по пријава дека во домот со остар предмет упатувал закани кон својата 41-годишна вонбрачна партнерка, а потоа и кон нивната ќерка, при што оштетил и дел од покуќнината.
Во полициската станица во Драчево, пак, бил извршен службен разговор со С. Ј. (63) од Скопје, по пријава дека физички ја нападнал својата 64-годишна сопруга.
Во СВР Скопје, 37-годишна жена пријавила дека во близина на нејзиното работно место, додека била во возило со својот вонбрачен партнер А. Н., тој ѝ истурил хемиско средство во пределот на лицето и очите. На оштетената ѝ била укажана лекарска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
33-годишна жена пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар, нејзиниот сопруг И. С. (34) ѝ упатувал закани.
Полицијци од СВР Штип ја лишиле од слобода С. У. (29) од Виница, по пријава дека физички ја нападнала својата 51-годишна мајка со метален предмет, нанесувајќи ѝ повреди. На повредената ѝ била укажана лекарска помош во Општата болница во Кочани.
„Се преземаат мерки за расчистување на случаите, а по нивното целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“,
велат од МВР.
