„Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп – Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт од општина Могила
Меѓуградски воз помеѓу Прилеп и Битола ќе почне да сообраќа на крајот на јуни или почетокот на јули, а наскоро се очекува да стартува и карго-железничкиот сообраќај кон двата града. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Могила, рече дека железницата повторно ќе добие значајна улога и во превозот на патници и во транспортот на стоки.

Според него, воведувањето на железничката линија е резултат на потребата од алтернативен и побрз превоз во периодот додека трае изградбата на автопатот Прилеп – Битола.
„Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп – Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција. Можам да најавам дека на крајот на јуни, почетокот на јули, како што веќе ветивме, ќе биде воспоставена линијата помеѓу Прилеп и Битола“,
изјави Николоски.
Тој посочи дека возот ќе сообраќа во термини кои најмногу ќе им одговараат на граѓаните, а цената на билетот ќе биде симболична и ќе изнесува 150 денари.
Вицепремиерот и министер за транспрот најави и скоро почнување на карго-железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола, нагласувајќи дека веќе постои сериозен интерес од компании за негово користење.
„Во Прилеп веќе има сериозен интерес од неколку компании да ја користат железницата како можност за сообраќај и транспорт. Тоа прво ќе помогне да се намали загадувањето, второ да ги заштитиме патиштата и трето да ја заживееме железницата“,
рече тој.
Во таа насока, Николоски рече дека државните институции ги преземаат сите неопходни активности за воспоставување на патничкиот и товарниот железнички сообраќај, а наскоро ќе остане компаниите да ја искористат можноста за транспорт на производи и суровини преку железница и да ги намалат своите трошоци.

Што се однесува до изградбата на автопатот Прилеп – Битола, кој е дел од Коридорот 10-д, вицепремиерот и министер за транспрот рече дека работите се одвиваат со одлична динамика, а првите километри од новата автопатска делница се очекува да бидат готови следната пролет. Според него, работите на терен напредуваат со добро темпо и очекува дека роковите зададени од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе бидат целосно испочитувани.
„Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп – Битола е одлична, работиме со одлично темпо, роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола, туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар“,
рече Николоски.
Тој нагласи дека новата автопатска делница ќе придонесе за подобра сообраќајна поврзаност, побрз транспорт и нови можности за економски развој на Пелагонискиот Регион.
