Истражувањето покажува дека Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на Итна медицинска помош – околу 150 000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции, отскокнува Велес каде што во 2022 година имало дури 59 000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно

На земјава ѝ недостигаат 52 тима за Итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). За последните осум години, се наведува во истражувањето, бројот на тимови за итна медицинска помош е намален за 22.
Истражувањето покажува дека ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.
„Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак на половина од вкупно 33-те служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат вакви тимови за да се запази законскиот минимум“,
се наведува во истражувањето на ЦГК.
Во однос на состојбата во 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22. Во моментов, според ЦГК, земјава располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува.
Од ЦГК во истражувањето посочуваат дека Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30 000 жители треба да има најмалку пет тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30 000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10 000 жители.
Најмногу тимови „фалат“ во Скопје
Според податоците што Центарот за граѓански комуникации ги добил од центрите, најлошо во овој поглед стојат Скопје, каде недостигаат 18 тимови за итна помош и Тетово, каде недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. Податоците покажале дека по пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.
„Законскиот минимум со тимови за итна медицинска помош го задоволуваат шест градови и тоа Виница, Демир Хисар, Крива Паланка, Пехчево, Свети Николе и Штип“,
наведуваат од ЦГК во истражувањето.
Податоците покажале дека има и градови што имаат повеќе од минимумот потребни тимови.
„11 здравствени центри имаат повеќе од минимумот потребни тимови, а најдобри во овој поглед се Битола, Делчево со Македонска Каменица, Кичево и Кочани. Секаде има дури по три или четири тимови повеќе отколку што предвидува законскиот минимум“,
се додава во истражувањето.
Еден тим „покрива“ различен број жители дневно
Истражувањето на ЦГК покажува дека постојат огромни разлики во бројот на жители што ги покрива итната медицинска помош.
„Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде што еден тим ’покрива’ дури по околу 40 000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30 000 жители дневно. Најдобро ’покриени’ со итна медицинска помош се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1 000 жители дневно. Од поголемите градови, добро стојат Крива Паланка, Неготино, Делчево и Македонска Каменица. Тука еден тим покрива по околу 4 000-5 000 жители дневно“,
се додава во истражувањето.

Во однос на бројот на вработени, во истражувањето се наведува дека, најмногу вработени во службата за итна помош во однос на бројот на население има Вевчани каде има еден вработен на 79 жители. Најслаби со кадар, пак, се Тетово, Скопје и Куманово.
„Во Тетово има еден вработен на 4 172 жители, а во Скопје и Куманово има еден вработен на повеќе од три илјади жители“,
се вели во истражувањето каде се нагласува дека просекот во земјата е 1 350 жители на еден вработен во службата за итна медицинска помош.
Различен број на интервенции во една смена, некаде се две, некаде повеќе од 50
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека тимовите за итна помош во кои има доктор, сестра и возач, работат во смени и тоа најчесто во две смени по 12 часа или во три по осум часа секоја смена.
Оттаму посочуваат дека во интервенции спаѓаат не само оние на итната медицинска помош, туку и на домашната посета и интервенции во дежурната служба.
„Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150 000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59 000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно“,
се додава во истражувањето.
Бројките до кои е дојдено директно од секој од здравствените домови преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, и од анализите кои се направени од ЦГК велат дека произлегуваат и други сознанија. Анализите покажале дека најмногу интервенции просечно по еден тим има во Радовиш и тоа дури 51 интервенција во текот на една смена од 12 часа. По ова е Струмица каде во една смена просечно има по 46 интервенции и Велес со просечно 40 интервенции во една смена.
Спротивно на ова, истражувањето покажува дека во Ростуше има само по една интервенција во еден и пол ден и во Виница каде има само по две интервенции во смена.
„Сепак, спрема вкупниот број жители, најмногу интервенции службата за итна медицинска помош има во Вевчани, просечно по осум интервенции на секој жител годишно. Или, здравствениот центар кој покрива околу 2 300 жители, годишно има речиси 19 000 интервенции“,
се наведува во истражувањето.
Истражувањето на ЦГК, според податоците до кои дошле од здравствените центри, не успеало да открие колку вкупно телефонски повици добиваат.
„Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа“,
се додава во истражувањето.