Министерот за економија посочи дека нема да дозволат злоупотреба на кризата врз грбот на потрошувачите и информира дека инспектори на Државниот пазарен инспекторат веќе изрекле неколку казни
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека оваа недела ќе бидат направени анализи во супермаркетите и кај производителите по што јавноста ќе биде известена на кои производи им се намалени цените.

Бектеши рече дека во наредните 10 дена се очекува да почнат поевтинувањата на основните прехранбени производи.
„Ние претходната недела направивме анализа, а во текот на оваа недела ќе направиме анализа директно и физички во супермаркетите. Освен тоа што го правиме преку производителите кои се домашни, веќе на дневна база ги добиваме податоците на цените на увозот за производите кои се наведени во одлуката на Царинската управа. Во текот на оваа недела ќе ве известиме и во делот на процентот на намалување, за производите кои ги намалиле и компаниите кои тоа го направиле“,
изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на бизнис-настанот „Субекс“ (SUBEX – Suppliers Balkan Expo).
Министерот за економија посочи дека нема да дозволат злоупотреба на кризата врз грбот на потрошувачите и информира дека инспектори на Државниот пазарен инспекторат веќе изрекле неколку казни.
„Државниот пазарен инспекторат работи согласно новиот Закон за заштита на потрошувачите и интензивирани се сите контроли од страна на ДПИ. Вчера директорката најави дека се изречени неколку казни. Нема да дозволиме да има злоупотреба на кризата врз грбот на потрошувачите“,
рече Бектеши.
Намалување на основните прехранбени производи министерот за економија најави на 10 ноември на брифинг со новинарите. Тогаш Бектеши рече дека ова особено се однесува на оние основни прехранбени производи кои се наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто.
„Во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3 до 4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи“,
нагласи на брифингот Бектеши.
Тој тогаш наведе и дека ако суровините останат на истите увозни цени, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања.