Виктор Орбан денеска повторно беше избран за претседател на сега опозициката партија Фидес, иако во април годинава ги изгуби изборите и падна од власт по 16 години владеење. Сепак, анкетите покажуваат дека довербата кон неговата партија опаѓа

Главната унгарска опозициска партија Фидес недеска повторно го избра поранешниот премиер Виктор Орбан за свој лидер на уште една година, и покрај тоа што партијата на изборите на 12 април ја загуби власта, а победи партијата од десниот центар Тиса.
Орбан (62) беше инспирација за десничарските конзервативци ширум Европа и Соединетите Американски Држави (САД) како творец на она што тој го нарекуваше „нелиберален“ модел на демократија.
По поразот на Фидес, политичката иднина на Орбан беше доведена во прашање, а се соочи и со притисок од некои поранешни лојалисти да се повлече од политиката, што беше прва ваква отворена критика откако дојде на власт во 2010 година.
Околу 729 делегати од вкупно 737 гласаа за повторен избор на Орбан на партискиот конгрес на Фидес. Немаше противкандидати кои би му се спротивставиле.
„Не се откажувам, никогаш, никогаш, никогаш, никогаш, никогаш не се откажувам“, рече Орбан во говорот што го одржа пред гласањето, повторувајќи дека презема полна одговорност за изборниот пораз на партијата.
Орбан рече дека Фидес била фантастична владејачка партија 16 години, но дека треба да помине низ промени за да стане функционална опозициска партија што би можела да биде подготвена повторно да владее.
На априлските избори партијата Тиса на премиерот Петер Маѓар освои двотретинско парламентарно мнозинство, што беше доволно за да ги поништи уставните промени на Орбан. Според анкетите на јавното мислење, Фидес ја изгуби поддршката по изборите. Истражувањето на Институтот Публикус покажа дека Тиса има 55 отсто поддршка, во однос на 53 отсто колку што обезбеди на изборите, додека поддршката за Фидес падна на 17 отсто, во однос на 39 отсто на изборите.
