Денеска се очекува нов обид во Собранието за закажување седница за одложување на статистичката операција, која, според важечкиот Закон, стартува денеска
Пописот на населението и домаќинствата почнува денеска, според Законот за попис што во јануари го донесе Собранието, а кој до вчера не е изменет, како што беше договорено во понеделникот на средбата на премиерот Зоран Заев со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Денеска се очекува нов обид во Собранието за закажување седница на чиј дневен ред би биле ставени измените на Законот за попис што ги подготви Владата, а со кои се предвидува одложување на пописот за септември, како што договорија Заев и Мицкоски.
Од Државниот завод за статистика немаат коментар дали треба да се одржи или одложи пописот, додека не се заврши постапката во Собранието. Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, рече дека пописот, според важечкиот Закон, треба да почне денеска и доколку попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
Доколку денеска законот се најде на дневен ред, според него, може да биде донесен во најбрз можен рок, бидејќи е предложен во скратена постапка и со европско знаменце.
По вчерашната повеќечасовна координација кај спикерот Талат Џафери, стигна известување дека нема услови да почне постапката за измена на Законот за попис. Против одржување седницата бил координаторот на пратеничката група Алијанса за Албанците/Алтернатива зашто сметал дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.
Пратениците вчера не успеаја да гласаат ниту за одлуката за продолжување на кризната состојба, поради ситуацијата со мигрантите. Според тоа, кризната состојба по таа основа заврши синоќа на полноќ.