Ако се следи постојниот Закон за попис, процесот утре треба да почне, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ во гостување на Сител. Според него, ако попишувачите излезат утре на терен и обезбедат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
„Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности утре тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега. Нам ни е целта суштински да го направиме пописот. Жалиме што не успеавме вечерва да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива“,
рече Маричиќ.
Денеска, на собраниска седница се очекуваше да се одложи пописот за септември, но по долга координација кај спикерот Талат Џафери, немало договор за да се закаже седницата. Доколку услови се создадат, седницата ќе биде закажана за утре.
Маричиќ вели дека на координацијата меѓу пратеничките групи, Владата и претседателот на Собранието, речиси сите пратенички групи се согласни дека брзо треба да се усвои Законот за попис, но една од опозициските пратенички групи била против.
„Ако спикерот Џафери закаже седница, законот треба да се најде на дневен ред и да биде донесен во најскор можен рок. Предложен е во скратена постапка и со европско знаменце што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување“,
вели Маричиќ.
Додава дека тоа што денеска немало договор, не значи дека е блокада на законот, туку, координацијата била за дали е возможно процедурата да почне вечерва, сите чекори да се изодат и пред 00.00 часот да се донесе законот за од утре да важи.
„Сите технички забелешки се исправени во текот на координацијата во рок од два часа, ја доставивме целокупната документација и се што бараше Собранието. Нема технички пречки да се најде законот на седница, а поради начинот на кој е предложен, со евроспко знаме и по скратена постапка, нема можности за долготрајни блокади“,
рече Маричиќ.