Доколку на самитот на НАТО во јули Грција го постави прашањето во врска со почитувањето на Преспанскиот договор, Мицкоски рече дека неговата порака ќе биде во насока на градење мостови на соработка и пријателство со сите соседите
Ниту имам намера талибански да се однесувам ниту очекувам во 21 век талибанско однесување од кој било политичар. Вака денеска, одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, ја прокоментира најавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека има намера на претстојниот самит на НАТО да го постави како прашање почитувањето на Преспанскиот договор од новите власти во земјава, особено во делот на употребата на уставното име на државата.

Во врска со ова прашање, Мицкоски на денешната прес-конференција во Собранието рече „одговорот за хистеријата што се случува кај нашиот јужен сосед“ веќе го дал пред неколку недели.
Во таа насока тој повтори дека правото на слободно изразување и говорот е елементарно човеково право, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од правниот систем и уставен поредок на државата идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува.
„Претпоставувам дека тоа е дел од нивната предизборна кампања. Не очекувам талибански однос, цензурирање на елементарно човеково право, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок идната влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, вклучително, еве, и решенијата за пратеници коишто ги добивме, ги добивме со придавката содржана. Вклучително и предлог-законот што денеска го доставувам е со придавката вклучена во него. Но, мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода на изразување и говор“,
изјави Мицкоски.
Во тој контекст, тој кажа оти не им се лути на политичарите кога не го кажуваат целото име на нивната држава, туку дел и од тоа име, посочувајќи дека за него името на татковината е и ќе остане Македонија.
„Не можете да барате да се почитуваат законите, да владее правото, да спроведувате реформи, а од друга страна да сте лицемерни и да кажувате работи коишто не се вистинити и не можете да ги спроведете. Но во моите изјави ова ќе биде името за мојата татковина, а тоа ќе биде и е Македонија“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку на самитот на НАТО во јули Грција го постави прашањето околу почитувањето на Преспанскиот договор, Мицкоски рече дека неговата порака ќе биде во насока на градење мостови на соработка и пријателство со сите соседите.
„Македонскиот народ и граѓаните се мирољубиви луѓе, мирољубив народ, гостопримлив народ. Така се однесувале, очекувам така да се однесуваат и нашите соседи, да соработуваме и да негуваме добрососедски односи. Ќе повторам, ниту талибански имам намера да се однесувам ниту очекувам во 21 век талибанско однесување од кој било политичар и можеме не само таму, туку и на кој било форум да отвориме дебата, па да видиме кој колку реализирал од Преспанскиот договор, иако не би сакал да го губам времето убедувајќи се со моите колеги кој колку реализирал. Би сакал да зборуваме за инвестиции, за подобар стандард, за развој, за реформи. Тоа е она што го очекуваат граѓаните од нас и тоа е она за што граѓаните го дадоа својот глас“,
изјави Мицкоски.
За потсетување, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во неделата изјави дека прашањето за употребата на уставното име Република Северна Македонија ќе го покрене на самитот на НАТО во Вашингтон во првата половина на јули.

На прес-конференција одржана на островот Крит во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис рече дека во моментов констатираат „намерата на ВМРО-ДПМНЕ е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека Грција нема да го прифати ова.
„Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба“,
рече Мицотакис повторувајќи дека Грција ќе бара апсолутно усогласување за ова прашање за кое рече дека се на иста линија и со Европската Унија и САД.
Инаку, прашањето во врска Преспанскиот договор се отвори кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, новоизбраната претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.
Сиљановска-Давкова, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ опстојува на ставот дека со тоа што не го користи, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.