„Сметам дека оваа сезона со пожари драстично ќе биде намалена, ако не и завршена. Пожарите секако ќе продолжат и понатаму, до ноември. Впрочем, како што беше и минатата година, но барем засега ќе можеме да здивнеме“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека дождот што заврнал вчера во попладневните часови на повеќе места низ државата ги изгаснал сите активни пожари.
Ангелов вели дека вчера пред дождовите имало, како што потенцира, неколку сериозни пожари како оној на Кајмакчалан што избувнал во стара борова шума, како и пожарот во близина на Пробиштип што им се заканувал на две села.
Вели и дека временската прогноза е поволна.
„Според УХМР и денеска во попладневните часови нè очекуваат нови врнежи. Врнежи нè очекуваат и во текот на утрешниот ден. Со тоа сметам дека оваа сезона со пожари драстично ќе биде намалена, ако не и завршена. Пожарите секако ќе продолжат и понатаму, до ноември. Впрочем, како што беше и минатата година, но барем засега ќе можеме да здивнеме“,
рече Ангелов.
Тој вели дека почвата и вегетацијата сега се влажни, а тоа значи дека барем во следните десеттина дена ќе биде мирен период.