Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, вечерва на прес-конференција изјавија дека постои една група во партијата која „за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков притисок за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“
Напорите на поединци да заплашуваат активисти на Алијанса за Албанците со класичниот метод на системот „бркање од работа“ е само губење време, порача вечерва на Фејсбук лидерот на партијата, Арбен Таравари, откако Владата на денешната седница разреши двајца негови сопартијци од директорските функции.
„Залудно е. Промената е почната и никој и ништо не може да го врати процесот назад. Вие што ја користите моќта на овој начин, ве повикувам да купите календар или да го погледнете календарот на вашиот мобилен и да прочитате… 8 мај е многу, многу блиску! Разликите што ги имаме во АА, оставете да ги решиме на наш демократски начин и не се срамете со вакви постапки бидејќи уцената не поминува кај ниеден член на АА“,
напиша Таравари.
Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, вечерва на прес-конференција изјавија дека постои една група во партијата која „за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков притисок за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“. Алиу информира дека на денешната седница на Владата, како што рече, надвор од сите процедури, биле разрешени двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците.
„Третата седница на Владата на РСМ се одвиваше надвор од сите процедури што ги имаме и, за жал, Артан Груби одлучуваше која точка да помине и која да не помине. Сакаме да ве информираме дека Артан Груби, за сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ едноставно, без да ги чита ги одбиваше, а за жал техничкиот премиер на тоа аминуваше. Од вчера еден дел од групата на АА прават притисок врз директорите, сѐ со цел директорите да бидат на нивна страна. Исто така, денеска на седница на Влада имавме една од точките која беше разрешување на двајца директори од Алијанса. Едната е Бујаре Абази, директор на АД ‘Македонски пошти’ и вториот директор е Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции. И двајцата исклучителни активисти на Алијанса за Албанците и ние ова директно го цениме како фрлање масло на огнот од страна на ДУИ, но за жал договорени со двајца наши заменик-министри коишто за жал гласаа за разрешување на овие директори“,
изјави Алиу.
Тие изјавија дека нема да поднесат оставки и изразија уверување оти партијата нема да бара нивно разрешување.
Според нив, Алијанса за Албанците (AA) е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.
По низата превирања во Алијанса за Албанците, кои освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија, од Алијанса информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри кои оваа партија ги има во Владата.
Предложено е разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити. Одлуката за ваквиот предлог, како што соопштија од Алијанса, е донесена од страна на кадровската комисија на партијата со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Алијанса ќе поднесе предлог до Џафери за разрешување на Меџити и Алиу
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, дали до Владата пристигнало барање за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, рече дека Владата не именува и разрешува министри, туку Собранието.
„Доколку има барање на кој било од коалициските партнери, тоа се адресира до премиерот и потоа премиерот носи одлука дали тоа ќе го пренесе до Собранието и Собранието на крај носи одлука за одредени кадровски решенија во Владата“,
објасни Османи.