Џафери рече дека средбата „Жан Моне“ ја закажал за денеска откако претходно веќе еднаш била одложувана на барање на ВМРО-ДПМНЕ и не ја знае причината за денешното отсуство. Од СДСМ, пак, порачаа опозицијата да не си дозволи со бојкот на „Жан Моне“ на своја адреса да добие нови негативни критики во извештајот на Европската комисија за работата на Собранието
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тврди дека неговата партија не го бојкотира дијалогот во рамки на процесот „Жан Моне“ откако денеска партиските претставници не учествуваа на состанокот.
Тој тврди дека како пратеничка група не биле консултирани за точниот датум кога да има продолжување на дијалогот „Жан Моне“ и имале обврски па затоа не присуствувале.
„Би сакал да демантирам дека ВМРО-ДПМНЕ бојкотира. Апсолутно не, ВМРО-ДПМНЕ е најактивниот учесник во донесувањето односно работа на изгласување на новите измени на Деловникот којшто постои. Зошто власта го одбра токму денешниот ден кога веќе беше укажано и алармиравме дека имаме претходно закажани состаноци и средби не знам, но од она што го имам како информација за којашто се зборувало на овој ’Жан Моне‘ процес, е дека денеска се разговарало за одредени измени коишто би можеле да значат заобиколување на работата на работните тела односно на комисиите“,
изјави денеска Мицевски.
Како пример за заобиколување на работата тој го наведе последниот избор на уставни судии кога во Комисијата за прашања на изборите и именувањата на незавршена расправа за сите кандидати, беше испратен извештај до собранискиот пленум за избор на двајца од предвидени тројца судии. Такво заобиколување на работата, според Мицевски, власта сака да направи за сите комисии.
За неприсуството на денешната средба тој излезе со дообјаснување дека добиле датум без можност да се договорат, а активностите веќе им биле закажани.
„Делегација од десет луѓе ќе присуствува на денешната седница, а дополнително во следните денови како пратеник од изборна единица три од Општина Штип имав обврска да присуствувам на Свечената седница по повод ослободувањето на градот Штип и следствено на тоа беше дека не можам да присуствувам на двете места и овие беа веќе договорени активности. Зошто власта реши да го направи ова денес кога најавивме дека не можеме да присуствуваме тоа ќе ги прашате нив“,
рече Мицевски.
Дијалогот „Жан Моне“ треба да резултира со донесување нов Деловник за работа на Собранието и тој претставува заеднички проект на македонскиот со Европскиот парламент (ЕП).
Покрај ВМРО-ДПМНЕ, денеска не присуствуваше ниту Левица, а собранискиот спикер Талат Џафери рече дека не ја знае причината. Тој рече дека средбата „Жан Моне“ ја закажал за денеска откако претходно веќе еднаш била одложувана на барање на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што го разговаравме денеска ќе им биде доставено како размислување и доколку сакаат да дадат свои размислувања ќе можат и на писмено. Не е идејата да се одбегне учеството на опозицијата. Суштината е што не се изјаснија за продолжение на состанокот откако по нивно барање беше одложено. Јас не можев да го оставам во недоглед дали ќе ме известат или не и затоа бев принуден да ја свикам денешната седница“,
рече Џафери денеска.
Дека не знае која е причината за отсуството на ВМРО-ДПМНЕ изјави и координаторот на СДСМ, Јован Митрески.
„Првото што беше закажано на 28 октомври беше одложено по барање на ВМРО-ДПМНЕ, заради нивни партиски активности, а не знам која е причината за денешното нивно неучество. Меѓутоа, не сакам да верувам и сакам да испратам повик до нив дека не би требало да бидат обвинети да земат уште една обврска во делот на негативните извештаи на Европската комисија кои се однесуваат на Собранието. Фактички, после активната блокада, ова ќе биде втората работа за која ќе бидат обвинети. Како што и претходно знаете и во Извештајот на Европската комисија, посебно во делот кој се однесува на Собранието, освен забелешките што беа директно упатени до опозицијата во делот на активната блокада којашто ја спроведуваат во овој период, постоеше и укажување или насока за продолжување на Дијалогот Жан Моне во Собранието под покровителство на претседателот“,
рече Митрески по денешната средба.