„Оваа работна група треба да работи во насока на постигнување на што е можно повеќе решенија за консензуално утврден Деловник, којшто би требало да се донесе на четвртиот Жан Моне дијалог, којшто би се одржал во утврдениот формат со присуство на тројцата европатеници од Европскиот парламент“, изјави Џафери
Интенцијата е да имаме консензуално решение за Деловник за функционално Собрание и за овој и за секој иден пратенички состав, потенцира претседателот на Собранието Талат Џафери во контекст на денешната средба на работната група за нов Деловник во рамки на процесот Жан Моне.
„Оваа работна група треба да работи во насока на постигнување на што е можно повеќе решенија за консензуално утврден Деловник, којшто би требало да се донесе на четвртиот Жан Моне дијалог, којшто би се одржал во утврдениот формат со присуство на тројцата европатеници од Европскиот парламент“,
изјави Џафери.
Прес-службата на Собранието посочи дека присутните на средбата работеле по претходно утврден начин на работа, при што биле разгледани членовите од Член 132 до Член 166 од Деловникот.
„Фактички беа разгледани членовите кои пропишуваат процедура за разгледување на предлог-закони во редовна постапка во прво и во второ читање и предлозите и размислувањата на тие што беа присутни беа во насока дека роковите кои се пропишани во дел од членовите од 132 до 166 да се допрецизираат во смисла во кој рок треба да завршат работите во работните тела и да има алтернатива како исклучок во смисла што во случаите ако работните тела не ги завршуваат обврските во предвидените рокови во Деловникот“,
изјави Џафери.
Според Џафери, според актуелната состојба, работата на актуелните работни тела е поставена над надлежноста на пленумот, што, како што вели тој, значи дека пленумот зависи од работата на работните тела.
„Затоа во новите размилувања е идејата да се надмине ситуација доколку работно тело смислено одбива да ја врши работата која што ѝ е определена со Деловникот и мора да има алтернатива што и во која постапка Собранието како законодавно тело да може да ја изврши својата функција“,
изјави Џафери.
На денешната средба на Работната група присутни беа потпретседателите на Собранието, како и координаторите и претставниците на пратеничките групи од СДСМ, ДУИ, НСДП, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Беса и претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Учестуваа и претставници на стручната служба на Собранието, Јетон Шасивари и Владо Поповски. Единствено не беа присутни претставници на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Џафери рече дека не ја знае причината зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица не присуствувале на денешната средба, но, како што рече, биле присутни дел од нивните советници кои воделе белешки за да им го пренесат тоа што било разговарано денеска.
„Она што го разговаравме денеска ќе им биде доставено како размислување и доколку сакаат да дадат свои размислувања ќе можат и на писмено. Не е идејата да се одбегне учеството на опозоцијата. Суштината е што не се изјаснија за продолжение на состанокот откако по нивно барање беше одложено. Јас не можев да го оставам во недоглед дали ќе ме известат или не и затоа бев приморан да ја свикам деншната седница“,
рече претседателот на Собранието.
Дијалогот Жан Моне е заеднички проект на Собранието со Европскиот Парламент за постигнување на решенија со консензус на сите учесници во Дијалогот.
Работната група за учество во процесот Жан Моне е основана со одлука на Собранието и во неа се членови потпретседателите на Собранието, координаторите, замениците координатори на пратеничките групи и претставниците на политичките партии застапени во Собранието, а коишто не се органзирани во пратенички групи – потпретседателите Мисовски и Исмаили, координаторите и претставниците на пратеничките групи од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, НСДП, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Беса и Левица и претседателот на Комисијата за деловнички и мандантно имунитетни и прашања.