Не е точно дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) одлучил дека важи аболицијата на бившиот претседател Ѓорге Иванов за 54 лица од предметите на СЈО, тврди Бирото за стапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП.
Преку соопштение до јавноста оттаму појаснуваат во која фаза е постапката посочувајќи дека точно е оти до Стразбур се поднесени апликации против државата со кои се бара да важи аболицијата, но оти за тоа нема одлука, туку постапката е во тек. Од Бирото велат на 25 септември годинава добиле одговор од ЕСЧП во кој биле доставени две групи на апликации поднесени против државата и оти постапката сега е во фаза кога државата треба да достави одговор до Стразбур.
Од Бирото нагласуваат дека оттука не е точна информацијата дека има одлука оти аболициите важат, па не може да стане збор и за тоа дека паѓаат во вода најголем дел од предметите на СЈО и сега треба „спогодбено спроведување на одлуката на Стразбур“.
Информацијата во текот на викендов дека ЕСЧП донел одлука беше објавена во дел од медиумите, а истата беше демантирана и од министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Аболицијата која ја добија 54 лица во април 2016 досега често се споменуваше од страна на адвокатите и обвинетите и на судските рочиште за предметите кои ги отвори СЈО, при што тие настапуваа со тезата дека „еднаш дадена аболиција не може да се повлече.“
Последен во судница на оваа тема зборуваше адвокатот по службена должност на експремиерот Никола Груевски, Петар Димовски, кој во завршните зборови за предметот „Насилството во Центар“, рече оти неговиот клиент не може да биде осуден бидејќи има аболиција за делото за кое се години.