Шефовите на држави и влади на групата Г20 би можеле остро да ја осудат Русија за нејзиниот напад врз Украина. Се чини дека Г20 ќе стави до знаење дека оваа војна не е прифатлива, вели германскиот канцелар Олаф Шолц.
Во предлогот на завршната изјава, која на увид ја доби агенцијата Ројтерс, се предлага остра критика:
„Мнозинството членови најостро ја осудија војната во Украина и истакнаа дека таа предизвика огромно човечко страдање и ги влоши постојните слаби точки на светската економија“,
се вели во текстот, кој би требало да биде прифатен утре на состанокот на претседателите на државите и владите на 20-те најразвиени индустриски земји и земји на прагот на индустријализација.
Покрај тоа, најразвиените индустриски земји треба да се посветат на целта за ограничување на затоплувањето на земјината атмосфера на 1,5 степени, како и за слободната трговија во светот, пренесува Дојче веле.
Дводневната конференција под претседателство на Индонезија, која се одржува на индонезискиот остров Бали, остана во сенка на руската агресија врз Украина која започна на 24 февруари годинава. Германскиот канцелар Олаф Шолц уште пред самитот изјави дека за војната мора да се разговара на состанокот на групата Г20. Тој досега учествуваше во две рунди разговори и извести дека постојано се разговарало за руската војна во Украина.
„Се чини дека групата Г20 ќе стави до знаење дека оваа војна не е прифатлива. Покрај тоа, Г20 има намера да испрати јасна порака дека употребата на нуклеарно оружје не доаѓа предвид. Се чини дека има консензус за тоа“,
рече Шолц и додаде дека тоа е голем напредок, бидејќи на почетокот на руската војна во Украина тоа не можеше да се очекува.
Олаф Шолц нагласи и дека е задоволен од досегашниот тек на средбата, „и покрај загрижувачките околности“ поради војната во Украина.
На средбата учествуваат и американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кои претходно се сретнаа одделно и разговараа три часа.
Рускиот претседател Владимир Путин не дојде. Тој го испрати својот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Бали. Инаку, Лавров беше присутен и во салата кога преку видео врска се приклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски и побара прекин на војната.
Се уште не е сигурно дали предлогот за финалната изјава утре ќе биде прифатен во ваква форма поради отпорот на Русија, забележуваат европските дипломати. За секој случај, во текстот се вели:
„Имаше различни гледишта и различни оценки за ситуацијата и санкциите. Признаваме дека Г20 не е форум за решавање на безбедносни прашања, но гледаме дека безбедносните прашања можат да имаат големо влијание врз светската економија“.
Експлицитно се нагласува дека не е прифатлива употребата на атомско оружје, за што постои консензус, како што објави германскиот канцелар Олаф Шолц.
Во предлогот на завршната изјава се посочува и дека огромното мнозинство членки на ОН веќе го осудија рускиот напад врз Украина. Покрај тоа, нацрт-завршната изјава повикува на „целосно и безусловно повлекување од украинска територија“. Американскиот претставник рече дека САД очекуваат Г20 да ја осудат руската војна во Украина и нејзиното влијание врз светската економија.
Нацрт-завршната изјава укажува дека војната во Украина го ограничува економскиот раст во светот, ја поттикнува инфлацијата, ги нарушува синџирите на снабдување, ја зголемува несигурноста во снабдувањето со енергија и храна и ги зголемува ризиците за финансиската стабилност.
„Најефикасно средство за закрепнување на светската економија е крајот на руската војна против Украина“,
рече Шолц.
Тој го повика рускиот претседател Владимир Путин да не го користи гладот како оружје. Падот на цените на храната по обновувањето на извозот на жито од Украина покажува дека војната е одговорна за турбуленцијата на цените на светските пазари, рече германскиот канцелар.
Фото: EPA-EFE/GALIH PRADIPTA