Тој рече дека Русија мора да го потврди територијалниот интегритет на Украина, да ги повлече своите војници од украинската територија и да плати компензација за предизвиканата штета
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео врска им порача на светските лидери собрани на самитот на Г20 во Индонезија дека сега е време да се запре руската војна во неговата земја, според неговиот предложен мировен план.
„Убеден сум дека сега е моментот кога уништувачката војна на Русија мора и може да се запре. Постои украинска формула за мир. Мир за Украина, Европа и светот. И има голем број решенија кои можат да се спроведат за навистина да се гарантира мирот. Со учеството на Самитот изнесов предлози за вакви одлуки – конкретни и искрени. Украина им нуди на водечките земји во светот да бидат ко-креатори на мирот со нас“,
рече Зеленски.
Условите на Украина за мир кои Зеленски ги објави на својот Фејсбук по неговиот говор се:
- Нуклеарна безбедност
- Безбедност на храна
- Енергетска безбедност
- Ослободување и враќање на затворениците и депортираните
- Имплементација на Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок
- Повлекување на руските војници и прекин на борбите
Тој рече дека Русија мора да го потврди територијалниот интегритет на Украина, да ги повлече своите војници од украинската територија и да плати компензација за предизвиканата штета.
„Војната треба да заврши праведно“
Војната треба да заврши „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“, рече украинскиот претседател. Тој повика на повторно воспоставување на „радијациона безбедност“ во однос на нуклеарната централа Запорожје, воведување ограничувања на цените на руските енергетски ресурси и проширување на иницијативата за извоз на жито и ослободување на сите украински затвореници.
Зборувајќи за судирите во украинската нуклеарна централа Запорожје, Зеленски рече дека никој нема право да го уценува светот со нуклеарна катастрофа и дека Русија ја претворила централата во радиоактивна бомба која може да експлодира во секој момент.
„Ве молиме изберете го вашиот лидерски пат – и заедно сигурно ќе ја спроведеме формулата за мир“,
им рече тој на учесниците на самитот.
Соединетите држави очекуваат Г-20 да ја осудат руската војна во Украина и нејзиното влијание врз глобалната економија, изјави претходно висок американски функционер.
Русија својата акција во Украина ја нарекува „специјална операција“ за разоружување на Украина и заштита од фашистите. Украина и Западот велат дека фашистичките обвинувања се неосновани и дека војната е неиспровоциран акт на агресија.
Откако Русија објави дека претседателот Владимир Путин е премногу зафатен за да присуствува, на самитот на Г20 беше претставена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.