Освен континуираните вербални закани од Москва, на почетокот на овој месец, руски воен авион „антонов Ан-30“ накратко го нарушил шведскиот воздушен простор, по што руски дипломат во Стокхолм бил повикан во Министерството за надворешни работи на Шведска
НАТО ќе го зголеми своето присуство на границите на Шведска и на Балтичкото Море, во време кога се обработува потенцијалната апликација на оваа земја за членство во Алијансата, изјави денеска за шведската телевизија СВТ генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Шведска и соседна Финска се надвор од Алијансата, но според Ројтерс, руската анексија на Крим во 2014 година и нападот врз Украина ги наведе овие земји да ја преиспитаат својата безбедносна политика, а членството во НАТО се чини сè поверојатно.
Двете земји бараат гаранции за воена заштита за време на процесот на аплицирање за членство во НАТО, што може да потрае и до една година додека сите членки не го одобрат.
Москва ги предупреди Шведска и Финска за „сериозни последици“ и дека би можела да распореди нуклеарно оружје и хиперсонични ракети во нејзината ексклава во Калининград доколку Шведска и Финска станат членки на НАТО.
На почетокот на овој месец, руски воен авион „антонов Ан-30“ накратко го нарушил шведскиот воздушен простор, по што руски дипломат во Стокхолм бил повикан во Министерството за надворешни работи на Шведска.