Од НАТО велат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека потегот на Москва нема да доведе до промена во нуклеарната стратегија на Алијансата. Во меѓувреме, Украина повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), за да се реши потенцијалната закана од најавата на претседателот Путин за распоредување на оружјето. Според Украина, овој потег ги крши договорите за неширење на нуклеарното оружје
Северноатлантската алијанса (НАТО) ја осуди одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, оценувајќи ја самата одлука, но и реториката на Путин како опасна и неодговорна.

Од НАТО велат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека потегот на Москва нема да доведе до промена во нуклеарната стратегија на Алијансата.
„НАТО е во состојба на готовс и внимателно ја следиме ситуацијата. Не видовме никакви промени во нуклеарната позиција на Русија што би предизвикало да ја приспособиме нашата“,
изјави портпаролот на НАТО.
Соединетите Американски Држави, пак, соопштија дека не веруваат дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел оцени дека доколку Белорусија прифати руско нуклеарно оружје, тоа би значело неодговорна ескалација и закана за европската безбедност.
„Белорусија сè уште може да го спречи ова, тоа е нивен избор“,
напиша Борел на Твитер.
#Belarus hosting Russian nuclear weapons would mean an irresponsible escalation & threat to European security. Belarus can still stop it, it is their choice.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) March 26, 2023
The EU stands ready to respond with further sanctions.
Според Борел, ЕУ е подготвена да одговори со нови санкции.
Белорусија, со која Русија се договори за распоредување на тактичко нуклеарно оружје на нејзината територија, дели долга граница со Украина, како и со членките на НАТО – Полска, Литванија и Летонија.
Во меѓувреме, Украина повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за да се реши потенцијалната закана од најавата на претседателот Путин за распоредување на оружјето.
Според Украина, овој потег ги крши договорите за неширење на нуклеарното оружје.
Воената алијанса, исто така, ја обвини Русија за постојано кршење на сопствените обврски за контрола на вооружувањето, вклучително и одлуката на земјата да го суспендира СТАРТ, договор потпишан во 2010 година со кој се ограничува бројот на американски и руски нуклеарни боеви глави и им дава на двете страни овластување да го проверуваат оружјето на другиот.
Рускиот претседател, објавувајќи ја одлуката вчера, истакна дека распоредувањето се врши без прекршување на обврските на Русија кон меѓународните договори.
Во врска со овој потег, тој рече дека нема ништо невообичаено, бидејќи, како што посочи, Соединетите Американски Држави (САД) тоа го прават со децении.
Според договореното, Русија треба да ја заврши изградбата на складишта за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија до 1 јули оваа година, рече Путин, додавајќи дека Москва нема да ја пренесе контролата врз оружјето на Минск.
Русија веќе стационирала 10 авиони способни да носат нуклеарно оружје во Белорусија. Како што посочи рускиот претседател, Москва, исто така, веќе префрлила во Белорусија голем број тактички ракетни системи „Искандер“ кои можат да се користат за лансирање ракети со нуклеарни боеви глави.
Денеска, главниот советник за безбедност на украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека ја прави Белорусија „нуклеарен заложник“.
Олексеј Данилов на Твитер напиша дека плановите на Русија се „чекор кон внатрешна дестабилизација“ на Белорусија и предвидува дека антируските чувства во земјата ќе растат.
Белоруската опозициска лидерка во егзил Свјатлана Циханускаја рече дека руското распоредување нуклеарно оружје во нејзината земја „во голема мера е во спротивност со волјата на белорускиот народ“ и ќе ја направи потенцијална цел за одмазднички напади.
Јуриј Сак, советник во Министерството за одбрана на Украина, за Би-би-си изјави дека Украина е навикната на нуклеарни закани од Русија, додавајќи дека распоредувањето во Белорусија нема да го промени исходот од војната.
„Тие не можат да ја добијат оваа војна затоа што е неодржлива за нив, не може да се победи. Тие не можат да ја победат Украина затоа што живееме со хипотетичка закана од можен нуклеарен напад уште од првиот ден на инвазијата од големи размери,”
рече тој.
Советникот рече и дека нема ништо ново во однесувањето на Русија бидејќи има стационирана воена опрема во Белорусија од почетокот на војната во 2022 година.
Михаил Подољак, друг висок советник на претседателот Зеленски, го окарактеризира потегот како „тактика на заплашување“ и рече дека рускиот лидер е „премногу предвидлив“.
Мал број тактички ракетни системи „Искандер“, кои можат да се користат за лансирање нуклеарно оружје, веќе се префрлени во Белорусија, рече претседателот Путин во говорот во саботата.
Ова ќе биде првпат од средината на 1990-тите Москва да има нуклеарно оружје надвор од земјата.
Најавата доаѓа само неколку дена по посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Москва, за време на која Русија и Кина издадоа заедничка изјава во која се вели дека „сите нуклеарни сили не смеат да го распоредат своето нуклеарно оружје надвор од нивните национални територии и мора да го повлечат целото нуклеарно оружје распоредено во странство“, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).