Плановите на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, за советникот за безбедност на украинскиот претседател се опасност за земјата која е сојузник на Москва.
„Најавата на Владимир Путин за распоредување нуклеарно оружје во Белорусија е чекор кон внатрешна дестабилизација на земјата, го зголемува нивото на негативна перцепција и јавно отфрлање на Русија и Путин во белоруското општество“,
изјави Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана.
Според него, ваквиот чекор значи дека Белорусија станува нуклеарен заложник на Москва.
Во телевизиско обраќање претседателот Путин ги најави плановите за стационирање тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, која е сосед и сојузник на Русија.
Оружјето кое Путин планира да го распореди во Белорусија не се интерконтинентални балистички ракети, туку помали и послаби проектили со улога на тактичко оружје кое може да се употреби на активно бојно поле како што е Украина.