Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа вели дека предметот го отвориле по сопствена иницијатива и дека ќе се испитуваат сите детали уште од раѓањето на детето, негата и грижата, па се до делувањето на социјалните служби

Народниот правобранител ќе постапува по случајот со деветмесечното бебе кое вчера почина од туберкулоза на скопската Детска клиника.
Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа вели дека предметот го отвориле по сопствена иницијатива и дека ќе се испитуваат сите детали уште од раѓањето на детето, негата и грижата, па се до делувањето на социјалните служби.
„Се обративме до повеќе институции. Прво се обративме до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи по место на живеење на семејтсвото, до Институтот за јавно здравје, до надлежната клиника каде што детето се лекувало, како и до клиниката каде е сместена мајката“,
вели Бајрамовска-Мустафа одговарајќи на новинарско прашање кои сегменти ќе ги испитуваат и од кои институции ќе бараат одговорност.
Таа додава дека секојдневно се во комуникација со меѓуопштинскиот центар за социјална работа од каде по интервенциите направен е увид во семејството, преземни се мерки согласно надлежностите.
„Оттаму директорката тврди, иако и писмено го чекаме одговорот, дека не утврдиле пропуст во делот на семејната односно родителската грижа за децата имајќи предвид дека покрај ова дете семејството има уште три други деца“,
додава Бајрамовска-Мустафа.
Бајрамовска вели дека инстутуцијата Народен правобранител ќе ја продолжи постапката, ќе ги чека одговорите од надлежните здравствени установи, но ќе го вклучат и надлежниот санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство.
„Оценуваме за потребно да се испита моментот од пораѓањето на мајката, килажата на детето, примањето на вакцината на толку мала килажа за да се утврди дали патронажните служби навремено ги преземале сите потребни мерки, па дури и за информирање, бидејќи жално е во 21 век, кога има вакцина за да се превенира од таква болест, да дозволиме да ни почине бебе“,
рече Бајрамовска-Мустафа.
Вчера почина деветмесечното бебе, кое на 24 февруари од Куманово беше донесено во скопската Детска клиника во тешка состојба. По приемот на клиниката, каде што беше префрлено од болницата во Козле, беше приклучено на механичка вентилација. Бебето беше примено со белодробна слабост, по што се утврди дека ја има заразната болест туберкулоза.
Според пишувањата на одредени медиуми, мајката на бебето минатата година неколку месеци се лекувала од туберкулоза на Институтот за белодробни заболувања, но потоа воопшто не дошла на контрола ниту, пак, побарала помош за своето болно дете. Откако се откри дека бебето боледува од туберкулоза, неговата мајка повторно беше хоспитализирана во Институтот, а нејзините три други малолетни деца беа повикани во болницата во Козле за да им се направат епидемиолошки испитувања за да се утврди дали и тие имаат туберкулоза.
Денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека по извршениот увид од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи утврдено е дека семејството на деветмесечното бебе кое почина вчера од туберкулоза живее во добри услови и дека тие не се корисници на социјална помош или детска заштита.
Таа информираше дека наодите, мислењето и записникот којшто е направен од Центарот за социјални работи ќе му биде доставен на Омбудсманот и тој согласно нивните надлежности ќе си ја води постапката.