Фокусот, според одговорниот уредник на МРТ 1, Стојан Трпчевски, ќе биде ставен на младите и културата, а токму од тие причини, како што рече, е зголемено времетраењето на Централниот дневник на еден час
Трансформација на МРТ 3 од спортски во музичко-забавен канал, нови поткасти и производство на светските телевизиски формати „Музички идол“ и „Икс фактор“ на МРТ 1 – одговорниот уредник на првиот телевизиски канал на јавниот сервис Стојан Трпчевски најави нова програмска шема на Македонската радиотелевизија. Фокусот, според Трпчевски, ќе биде ставен на младите и културата, а токму од тие причини, како што рече, е зголемено времетраењето на Централниот дневник на еден час.
„Сите сме свесни дека доминираат настаните од земјата и светот, но значително место мора да се одвои за културата, а тука воспоставивме значителна врска и со нашата дијаспора преку Агенцијата за иселеништво, па секој што има желба од нашите иселеници може да учествува волонтерски во Дневникот – едноставно, да ја донесеме дијаспората во нивната матична земја“,
порача Трпчевски.

Покрај задржување на политичко-информативниот магазин „360 степени“, Трпчевски најави дека ќе се емитуваат и три нови информативни емисии – „Без наслов“, „Со повод“ и „Надворешна“, а ќе ги подготвуваат етаблирани новинарски имиња кои ќе дебатираат за општествени теми.
„Тоа со коешто ќе сака да се гордее МРТ во иднина ќе биде најдоброто од светот, донесено дома. За светските формати договорени се три, а се договараат уште неколку. Првиот е ‘Македонски идол’ – потрага по нови ѕвезди. Македонија има огромен музички потенцијал. Во нашите градови и села има талентирани луѓе коишто ќе сакаат својот талент да го изразат на големата сцена“,
додаде Трпчевски.
Тој најави враќање на детската радиодрама и детскиот хор, а во рамките на новата програмска шема на МРТ 1 ќе се емитуваат и поткасти за кои се анагжирани познати водители, новинари и актери – како Нора Шаќири, Пеце од „Суперхикс“, Емра Куртишова, Кате Тодевска, Катерина Топалова и Ивана Кнез.
Во однос на програмската шема на МРТ 2, уредничката Нора Калиќи најави нови тематски анализи кои ќе ги опфаќаат проблемите на граѓаните, повеќе емисии фокусирани на образование, технологија, култура, дигитална трансфромација и слични содржини посветени најмногу на младите. Калиќи најави и поголема соработка со културни институции и регионални телевизии, како и повеќе содржини во сопствена продукција.

МРТ 3, кој досега важеше за главно спортски, се трансформира во музичко-забавен канал за млади. Со новата 24-часовна програма, според најавите, каналот ќе стартува на 28 септември.
„’Тројка’ ги отвора портите да биде домаќин и концентрација на сè она што се создава на македонската музичка и културна сцена. Замислата е тоа да не биде само музички џубокс-канал, напротив – ќе биде со отворени емисии, програми и содржини каде што ќе се зборува не само за музика и забава, туку и за култура, филм, млади артисти, мода, па и за миленици и храна“,
кажа Зоран Мирчевски, уредник на МРТ 3.
На прес-конференцијата беше посочено и дека по четири години пауза, Македонија во 2027 г. се враќа на „Евровизија“, а начинот на избор на изведувач допрва ќе се дефинира.
