Народната банка денеска одржа вонредна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП) на која донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на ниво од 1,75 отсто. Според Народната банка, тоа треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, а со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок.
Потребата од одржување вонредна седница, како што наведуваат од Народната банка, произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција Ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија.
На седницата повторно се разгледани најновите економски показатели, при што е разговарано и за ефектите од појавата на ковид-19 врз глобалната и врз македонската економија.
„Во услови на стабилни инфлациски движења и адекватно ниво на девизни резерви, а при извесни негативни ефекти врз економијата од надворешното окружување, како и од мерките за ограничување на ризиците од ширењето на вирусната инфекција ковид-19, Народната банка донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 проценти поени, со што таа ќе изнесува 1,75 отсто. Ова е второ намалување на каматната стапка во 2020 година и треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. Со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок“,
стои во соопштението.
Се додава дека Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок.
Овие мерки, истакнуваат, се однесуваат на евентуални промени што ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања.
Напоменуваат дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност.
Во овој контекст, соопштуваат дека нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите.
Во соопштението Народната банка појаснува дека остварувањето на ризикот и неговите негативни ефекти врз растот на економиите доведоа и до брза реакција на поголем број централни банки со намалување на нивните каматни стапки и/или преземање дополнителни мерки за креирање ликвидност во системот и поддршка на кредитирањето. Вакви мерки, наведуваат, презедоа и Федералниот систем на резерви, Европската централна банка, Банката на Англија и со ова придонесуваат за дополнително олеснување на финансиските услови и за поддршка на реалниот сектор, во услови на неочекуван негативен шок со силно влијание врз вкупната активност.