Расте бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 во болницата во Кочани, откако пред три дена почна да прима и пациенти од штипското инфективно одделение.
Во болницата која работа без инфектолог, се бара место повеќе, па пациенти се сместуваат и на одделението за интерни болести. Поради напливот на болни, лекарите имаат продолжени дежурства.
„Во моментот имаме осум позитивни пациенти и седум за кои го очекуваме резултататот од тестот за Ковид-19. Освен од Кочани и населените места во околината, веќе имаме и пациенти од Штип и другите општини во источниот регион. Тие се сместени во рамки на одделението за интерни болести, при што просторот е физички изолиран од останатите простории, а обезбеден е и посебен влез. За жал, немаме инфектолог откако колегата специјалист на почетокот на здравствената криза помагаше во штипската болница, а во јуни се пензионираше. Дел од пациентите се со полесни симптоми, а за сите нив здравствената грижа ја обезбедуваме со двајца анестиолози и двајца интернисти“,
истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани
Серафимов нагласи дека од влошувањето на состојбата со коронакризата доаѓаат сè помлади пациенти кои се со потешки симптоми, а кои ги упатуваат на лекување во Скопје.
Тој вели дека ако продолжи да расте бројот на пациенти на кои им е потребно болничко згрижување, се планира да се адаптираат просториите на одделението за физикална терапија.