Претседателите нa поголемите парламентарни политички партии од власта и од опозицијата денеска во кабинетот на претседателот на државата ќе одржат лидерска средба, со единствена точка на дневниот ред – одложување на парламентарните избори.
Како што соопштија од кабинетот на преседателот, на лидерската средба е најавено присуство на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Од Кабинетот на претседателот посочуваат дека поради мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот, видеоматеријалите и фотографиите од средбата ќе бидат дистрибуирани до медиумите од страна на прес-службата на кабинетот веднаш по почетокот на лидерската средба, а изјавите за медиумите по завршувањето на лидерската средба ќе бидат пренесувани на Јавниот сервис МРТ, на фејсбук-страницата на претседателот и на јутјуб-каналот.
Вчера, во Вилата Водно се одржа седница на Националниот совет за безбендост, на која заеднички е заклучено дека нема потреба од воведување кризни или вонредни мерки во земјата како последици на коронавирусот.
*Поврзани вести
Пратениците ќе се состанат да ја поништат одлуката за самораспуштање?