Според првичните информации, настанот се случил пред околу четири месеци, но до денеска не бил пријавен во надлежните институции
„Случајот ќе се работи по итна постапка. Едната инволвирана е полнолетна, додека другите две се малолетнички. До денеска не сме имале пријава. Откако снимката беше објавена, веднаш почнавме да постапуваме“, вели шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу-Рамадани
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово и кумановската полиција преземаат мерки за расчистување на случајот со врсничко насилство во градот откако денеска на социјалните мрежи е објавена видеоснимка на која се гледа како три девојчиња физички напаѓаат друго девојче.

Според првичните информации, настанот се случил пред околу четири месеци, но до денеска не бил пријавен во надлежните институции.
Шефицата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, за МИА изјави дека веднаш по објавувањето на снимката е оформен предмет и се постапува по итна постапка.
„Случајот ќе се работи по итна постапка. Едната инволвирана е полнолетна, додека другите две се малолетнички. Настанот се случил пред четири месеци и до денеска не сме имале пријава. Откако снимката беше објавена, веднаш почнавме да постапуваме“,
рече таа.
Од СВР Куманово потврдија дека преземаат интензивни активности за целосно расчистување на случајот и најавија дека по завршувањето на проверките ќе бидат соопштени повеќе информации.
Дел од медиумите денеска објавија видеоснимка за врсничко насилство во Куманово, на која се гледа како три девојчиња физички напаѓаат друго девојче.
Ова е втор случај во текот на месецов на социјалните мрежи да биде објавена видеоснимка со врсничко насилство врз малолетничка.
Претходниот случај е регистриран во скопската населба Аеродром, кога 12-годишното девојче беше нападнато од свои врсници.
Според полицијата, настанот се случил на 30 јуни околу 22 часот вечерта, во парк во Аеродром, кога девојчето било нападнато од страна на 14-годишна малолетничка, која заедно со својата другарка ја натерале жртвата во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди, била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала.
