Милошески ќе раководи со Општината до распишувањето и одржувањето на предвремените локални избори за нов градоначалник, соопштија од Општина Брвеница. Одлуката следува по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски
Советот на Општина Брвеница на вонредна седница донесе одлука – досегашниот претседател на Советот, Роберт Милошески, да биде именуван за вршител на должноста градоначалник. Одлуката, како што информираат од Општината е донесена со мнозинство гласови, во согласност со одредби од Законот за локална самоуправа.
„Милошески ќе раководи со Општината и ќе управува со нејзините работи сe до распишувањето и одржувањето на предвремените локални избори за нов градоначалник. Поради преземањето на новата функција, на Милошески му мирува функцијата во Советот, по што Советот на Општина Брвеница, на истата седница, за нов претседател на Советот го избра советникот Мирослав Даиловски. Општина Брвеница останува посветена на континуитетот на услугите кон граѓаните и реализацијата на тековните проекти во служба на сите жители,“
се наведува во објавата од Општина Брвеница.

Одлуката на Советот на Општина Брвеница следува по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој почина на 58-годишна возраст на 23 јуни 2026 година.
На 7 јули Владата соопшти дека наскоро ќе ја започне постапката за распишување нови избори за градоначалник на општина Брвеница, откако ја разгледала и усвоила информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа, оти настапила законска основа за престанок на мандатот на градоначалникот на општина Брвеница.
По ова, Владата има рок од 30 дена да ја започне постапката за распишување нови избори за градоначалник.
„Во таа насока, сакаме да ја информираме јавноста дека согласно запазените законски предвидени рокови, Владата ја усвои информацијата и донесе одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на понатамошната постапка согласно важечките прописи и важечки рокови“
кажа владината портпаролка Марија Митева.
