Веста за неговата смрт ја објавија локалните медиуми, а на социјалните мрежи од него се простија премиерот Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски

На 58-годишна возраст денеска почина Јовица Илиевски, градоначалник на Општина Брвеница.
Во биографијата на Илиевски објавена на општинската интернет-страница се вели дека првиот четиригодишен мандат го добил на локалните избори во ноември 2021 година, а вториот на изборите во 2025 година.
Од 1999 година до ноември 2021 бил вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Во периодот 2013-2017 година бил член во Советот на Општина Брвеница. Како љубител активно е вклучен во областа на спортот, поддржувач на голем број спортски настани и дава големи придонеси во спортот. Од 2001 до 2013 година има учество во млади категории во рамките на ФФМ. Од 2013 до 2021 година е член во У21 млада репрезентација во рамките на ФФМ. Исто така, од 2016 година до денес е потпретседател на Фудбалски сојуз – Тетово.
Веста за неговата смрт ја објавија локалните медиуми, а на социјалните мрежи од него се простија премиерот Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе. Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа“,
пишува Ѓорѓиевски во објавата на својот фејсбук-профил.
Споделувајќи заедничка фотографија, премиерот Мицкоски го опишува Илиевски како работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водел.
