Како што пренесува агенцијата Франс прес, пратеникот на Израел во ОН, Гилад Ердан, побара од Советот на безбедност на Обединетите нации да ги наметне сите можни санкции врз Иран пред, како што рече, да биде предоцна, како и да го осуди Иран за неговиот терор
Она што го направи Иран е непромислен и опасен чин. Вака министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Камерон, го опиша нападот кој пред два дена го изврши Иран врз Израел и додаде дека тоа е двоен пораз за Иран бидејќи, како што рече, не успеал да му нанесе штета на Израел.
Камерон рече и дека дека со овој потег Иран му открил на светот дека токму оттаму доаѓа лошото влијание во регионот.
Зборувајќи на „Скај њуз“, Камерон коментирал и колку бил голем нападот велејќи дека биле истрелани 110 балистички проектили и 40 крстаречки ракети.
„Живееме во многу опасно време. Гледате по тоа што се случува во Украина и на Блискиот Исток. Она што го направи Иран е опасен чин. Со храбрата одбрана од страна на Израел и од страна на САД, Иран доживеа двоен пораз. Не успеа да му нанесе голема штета на Израел, а од друга страна му покажа на светот дека тие всушност го прават лошото влијание во регионот“,
вели Камерон.
Сепак, според него, фокусот треба да се насочи на она што се случува во Газа и да се ослободат заложниците.
„Ние апелираме состојбата да не ескалира. Се надеваме дека нема да има одмазднички одговор. Наместо тоа, фокусот на светот треба да се префрли на Хамас. Тие сè уште ги држат заложници. Им беше понуден договор дека затворениците може да бидат ослободени од израелските затвори во замена за некои од заложниците кои се кај нив, како и дека ќе има пауза во борбите. Тоа е она што треба да се случи следно“,
рече тој.
Според шефот на британската дипломатија, нивна цел е да работат со израелската влада за да ги поддржат во нивната кампања за ослободување од Хамас,
„Имаме многу тешки разговори. На пример, за потребата да се дојде до помош во Газа, каде што бев исклучително строг со нив за тоа, но мислам со право бидејќи ситуацијата во Газа е неприфатлива. Има премногу луѓе кои гладуваат. Има премногу луѓе кои не можат да добијат вода и лекови. Израелците сега рекоа дека во Газа ќе има проток на 500 камиони дневно, а дека ќе го отворат и пристаништето Ашдод, со цел да може да се добие повеќе помош. Ние треба да се погрижиме таа помош да биде испорачана“,
вели Камерон.
Сепак, на состанокот на Советот на безбедност на Обединетите нации, Израел повикал на нови санкции за Иран.
Како што пренесува агенцијата Франс прес, пратеникот на Израел во ОН, Гилад Ердан, побара од Советот на безбедност на Обединетите нации да ги наметне сите можни санкции врз Иран пред, како што рече, да биде предоцна, како и да го осуди Иран за нивниот терор.
Иранскиот претставник во ОН, Амир Саид Иравани, рече дека Иран го користи своето вродено право на самоодбрана и дека како што додаде, немаат друг избор освен да дејствуваат.
Тој инсистираше на тоа дека неговата земја не бара ескалација или војна, но ќе одговори на каква било закана или агресија.
Иранската мисија во Обединетите нации, исто така, го предупреди Вашингтон да се држи настрана од конфликтот со Израел.
Иран го започна својот прв директен напад на израелска територија, како одмазда по бомбардирањето на иранскиот конзулат, во кој загинаа високи команданти, а кое се случи пред десетина дена во Дамаск, Сирија.
Претходно, иранскиот лидер рече дека израелскиот напад во Дамаск го сметаат за еквивалентен напад на Иран.
Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.
Израел тврди дека не стои зад нападот, додека неколку претставници на Иран исто така претходно се заканија со одмазда за нападот, вклучително и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој рече „овој злобен режим мора да биде казнет.