Очекувам дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање кои се неговите очекувања од посетата на претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, во Македонија.
„И дека без дополнителни условувања со коишто е соочена нашата држава ќе ги отпочнеме преговорите, иако сум свесен за многуте недостатоци коишто ги имаме на домашен план поради неработењето на корумпираната влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе се оддаде признание и на државата и на граѓаните. Ќе се оддаде признание и почит кон граѓаните и државата за сите понижувања и омаловажувања коишто се направени од промената на националното знаме, па сè до насилната промена на Уставот и уставното име. Нешто што ниту една држава која пристапуваше кон Европската Унија не го направи. Очекувам пријатно да нè изненади, иако малку ја почитува оваа држава и овој народ, тоа е најмалку што може да го направи“,
заклучи Мицкоски.
Со посетата на Северна Македонија на 29 и 30 октомври, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, ја почнува својата четиридневна турнеја низ земјите од Западен Балкан.