Новинарските здруженија излегоа со остра осуда на одлуката на раководството на порталите „Локално“ и „Стандард“ да отпушти новинари кои имале договор на определено време, а на дел од хонорарците да им ги прекине договорите.
Според соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) газдите отпуштиле најмалку пет новинари, дел со договор на определено, дел хонорарци.
„Иако овој чекор се образложува со кризата предизвикина од коронавирусот отпуштањето на новинари треба да стаса последно, со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба. Ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најавија сет на мерки за медиумите кои меѓу другото се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки“,
пишува во заедничкото соопштение на ССНМ и ЗНМ.
Тие апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата.
„Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат. Отказите доаѓаат без претходна најава или известување за финансиската ситуација во која се наоѓаат газдите, со што се остава впечаток дека сопственикот воопшто не очекува и ниту се надева на идни мерки од владата за ублажување на импактот на кризата во финансиското работење и планирање“,
велат од новинарските здруженија.
Примерот со „Локално“ и „Стандард“, според нив, лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите, а предизвикува и страв дека може да предизвика „домино ефект“ и негативно да охрабри и други медиуми да се одлучат на ваков чекор .
Двата портали се во сопственот на „Нет медиа груп“ Доел чиј сопственик е Владимир Кошевалиски, кој во медиумскиот бизнис е познат и по тоа што беше дел од менаџментот на „Слободен печат“.