Во нападите, според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, биле погодени разни објекти низ украинскиот главен град, почнувајќи од станбени згради и студентски дом до сервис за автомобили и трговски центар

Најмалку две лица се убиени, а повеќе од 30 се повредени по масовниот руски воздушен напад на Киев во текот на ноќта, соопшти Државната служба за вонредни состојби на Украина (ДСНС).
Во нападите, според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, биле погодени разни објекти низ украинскиот главен град, почнувајќи од станбени згради и студентски дом до сервис за автомобили и трговски центар.
Кличко, во објава на Телеграм напиша дека по нападите 28 лица се хоспитализирани, од кои три се во критична состојба.
Тимур Ткаченко, воениот администратор на Киев, во објава на Телеграм рече дека главниот град е под „масовен балистички напад“ и ги повика сите да останат во засолништа. Според него, погодени се најмалку четири објекти во градот, вклучувајќи и станбена зграда.
Претходно вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски се осврна на можен напад со ракети „орешник“, а американскиот Стејт департмент соопшти дека амбасадата на САД во Киев добила информации дека ракетен напад може да се случи „во секое време“ во наредните часови.
„Нашите разузнавачки служби објавија дека добиле податоци, вклучително и од американски и европски партнери, за Русија која подготвува напад со ракетата ‘орешник’. Ги проверуваме овие информации“,
напиша Зеленски на Икс.
Тој додаде дека смета на одговор од светот кој ќе биде превентивен.
„Мора да се изврши притисок врз Москва за да не ја прошири војната“,
додаде тој.
Нападот, како што пишува Си-ен-ен, доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за терористички чин, тврдејќи дека украински беспилотни летала погодиле студентски дом во Старобилск, град окупиран од Русија во Источен Луганск. Рускиот претседател му наложи на Министерството за одбрана да изнесе предлози за одмазднички одговор.
Руската државна новинска агенција ТАСС во саботата соопшти дека бројот на „деца убиени во украинскиот напад со беспилотни летала“ се искачил на 18, повикувајќи се на руското Министерство за вонредни ситуации. Се верува дека уште три лица се заробени под урнатините.
Украинската војска го отфрли тврдењето на Путин и ги обвини руските медиуми за ширење „манипулативни информации“ за нападот. Оттаму повторија дека напаѓаат „воена инфраструктура и објекти што се користат за воени цели“.
Украина ги засили нападите со беспилотни летала со подолг дострел во последните недели. Таа претходно презеде одговорност за два напади врз руски воени објекти на окупирана територија.
