Израелски извори наведуваат дека целта на нападот бил шефот на военото крило на Хамас, Мохамед Деиф

Најмалку 71 лице загина, а 290 се повредени во денешниот израелски воздушен напад врз камп за раселените Палестинци на југот од Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство под контрола на Хамас, додека израелски извори наведуваат дека целта на нападот бил шефот на военото крило на Хамас, Мохамед Деиф.
Израелски извори, кои ги цитира Ројтерс, велат оти не е јасно дали Деиф е убиен.
Израелското воено радио соопшти дека Деиф се крие во зграда во хуманитарната зона Ал-Маваси, западно од јужниот град Кан Јунис. Израелските сили го сметаат Деиф за еден од креаторите на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, кога беа убиени околу 1 200 луѓе, а беа земени околу 250 заложници.
Деиф преживеа седум обиди за атентат на Израел, последниот во 2021 година, и со децении е еден од најбараните функционери на Хамас.
Неименуван израелски функционер изјави дека, покрај Деиф, цел бил и Рафа Салама, исто така висок функционер на Хамас, но нема информации дали тој е убиен во нападот.
Израелската армија претходно денеска соопшти дека ги продолжила операциите во Појасот Газа, особено во градот Газа.
Израелската инвазија на Газа започна на 7 октомври минатата година откако палестинските екстремисти го нападнаа јужниот дел на Израел, убивајќи повеќе од 1 200 луѓе и зедоа стотици заложници.
Оттогаш, повеќе од 38 300 луѓе се убиени, а повеќе од 88 000 се ранети во Појасот Газа.