Филипинските власти соопштија дека близу 185 000 луѓе низ целата земја биле погодени од невремето, а повеќе од 8 000 луѓе останале привремено без покрив над главата
Најмалку 45 лица загинаа во тропската бура „Налга“ на Филипините, која предизвика поплави и лизгање на земјиштето во јужните провинции, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи на земјата.
Најмалку 14 лица, пак, се водат за исчезнати.
Филипинските власти соопштија дека близу 185 000 луѓе низ целата земја биле погодени од невремето, а повеќе од 8 000 луѓе останале привремено без покрив над главата.
Невремето довело до затворање на училишта и прекин на сообраќајот.
Обилните врнежи на Филипините почнаа на 27 октомври, а невремето се очекува да го достигне својот врв овој викенд. Државните метеоролошки власти велат дека се очекува и главниот град Манила да биде погоден од бура за време на викендот.
Филипините обично се погодени од 20 тајфуни или тропски бури годишно кои доаѓаат од Тихиот Океан.
Поплавите и лизгањето на земјиштето се секогаш една од најголемите опасности на Филипините поради нестабилната географска положба.
Службите за итни случаи се добро обучени да реагираат на големи бури, но огромните количини вода го отежнуваат спасувањето на заглавените луѓе.