Сепак, вели дека не е грешка да се инвестира и на местото на постоечкиот клинички центар „Мајка Тереза“ бидејќи изградбата на нов објект ќе одземе многу време

Најдобро и најевтино е новиот клинички центар да се направи близу ГОБ „8 Септември“, смета министерот за здравство Азир Алиу.
Сепак, вели дека не е грешка да се инвестира и на местото на постоечкиот клинички центар „Мајка Тереза“ бидејќи изградбата на нов објект ќе одземе многу време.
Смета дека дури и веднаш да почне да се прави новиот клинички центар, ќе бидат потребни најмалку четири години за тој да биде завршен.
Министерот подвлече дека тој временски период не е мал и додаде дека таму каде што сега се вложува, нема да се урива просторот и оценува дека не е грешка да се инвестира.
„Не е трошење пари за џабе“,
додаде тој во изјава за медиумите по повод една година откако е на министерската функција.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски пред два дена рече дека Владата останува на ставот дека новиот клиничкиот центар во Скопје треба да се гради во близина на базенот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и подземно да се поврзе со Градската болница „8 Септември“.
Тој додаде дека според Владата ова е најдоброто решение.
Земјиштето на кое би требало да се гради новиот клинички центар, како што рече Мицкоски, е приватно, а Владата во моментов е во преговори со сопственикот на парцелата. Се преговара да се направи трампа земја за земја. Премиерот вели дека засега е задоволен како течат преговорите по однос на ова прашање.
